Хонг Конг сака да ја забрани првата партија која се залага за независност

Хонг Конг презема мерки со намера да ја забрани првата политичка партија во земјата која се залага за независност од Кина.

Полицијата во текот на денот доставила документи до основачот на Националната партија на Хонг Конг, Енди Чан Хо-Тин, во кои се препорачува до градскиот секретаријат за безбедност партиската организација да прекине со своите активности.

Развојот на настаните е прв пат како поранешната британска колонија, која во 1997 година е вратена под власт на Кина, да бара забрана на политичка организација.

Во писмото упатено до Чан, кое организацијата го објавило на Фејсбук, безбедносните службеници се уверени дека партијата треба да биде забранета „во интерес на националната безбедност и јавната сигурност, јавниот ред и мир и заштита на правата и слободите на другите луѓе“.

Џон Ли, секретарот за безбедност на Хонг Конг, на пресконференција соопштил дека доколку партијата биде забранета секој кој присуствува на нивните собири или донира пари на организацијата може да биде казнет со 50 илјади хонгконшки долари (околу 6.400 американски долари) и две години затвор.

„Во Хонг Конг имаме слобода на здружување, но тоа право не е без ограничувања“, додал Ли во изјавата за медиумите.

27-годишниот Чан е поранешен активист од „Окупирај Централ“, учесник во бранот про-демократски протести во 2016 година. Нему веќе му било забрането учество на парламентарните избори во 2016 година, каде партијата уште тогаш повикувала на „независна и слободна Република Хонг Конг“.

Според документите, Чан има рок до 7-ми април да објасни написмено зошто партијата не треба да биде забранета. Според „мини-уставот“ на Хонг Конг, независноста е незаконита и го прекршува принципот „една земја – два системи“ под кој Хонг Конг функционира откако е вратен од британска под кинеска контрола.

Под ваквиот систем Хонг Конг може да функционира со висок степен на автономија, со сопствени закони, судови и слободи. Критичарите сметаат дека ваквите слободи брзо се бришат.

Откако протестите го блокираа градот 79 дена во 2014 година, во протестите познати како „Чадор-демонстрации“, политичките кандидати со про-демократски идеи за самоопределување или целосна независност добиваат забрани за кандидирање или се апсени.

„Денеска ние граѓаните на Хонг Конг застануваме наспроти нашите непријатели, овие кинески колонизатори и нивните марионети во моменталната влада во Хонг Конг и тоа е тој антагонизам кој го дефинира нашето движење“, напишала Националната партија на Хонг Конг на својата фејсбук страница.