„Хомо“ го затвори „Синедејс“, наградени филмовите „Гагарин“ и „Оаза“

Под отворено небо и посетители со маски, на кровот на скопскиот Градскиот трговски центар синоќа премиерно беше прикажан „Хомо“ на Игор Иванов – Изи, со што беше затворена овогодинешната филмска приказна на 19. Меѓународен фестивал за европски филм „Синедејс“. Крајот на фестивалот значеше и награди за „Гагарин“ и „Оаза“, специјално признание за „Матер“, а аудиториомот вечерта ја заврши во МКЦ Парк со концертот на Здружението на џез музичари и гудачкиот оркестар.

„Љубов. Каде најмалку очекуваш да ја најдеш…“ е филмскиот слоган на 90-минутното дело по сценарио на Игор Иванов и Сашо Кокаланов. Прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со хумор. Во „Хомо“, невработениот дипломец станува гробар, ужалената вдовица – монахиња, свештениците се коцкаат, а со судовите владеат гангстери. И кога изгледа дека надежта е мртва, едно осамено момче успева да пронајде љубов.

„Човекот љубов“ во филмот е Александар Матовски – Цако, долгогодишен активист за лицата со попреченост, водител на радио емисијата „Јас сум Цако“ на Радио МОФ, кој синоќа ја одбележа и завршницата на „Синедејс“. Публиката во „Хомо“ го виде со екипа од актери како Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ, Сашко Коцев и Сергеј Димовски.

Александар Матовски – Цако (десно) на премиерата на „Хомо“

„Затворивме успешен фестивал, за кој твитерџиите напишаа, Синедејс – згази. И многу ни е мило за таквиот впечаток, бидејќи со многу ентузијазам и силен мотив, навистина се потрудивме. Годинава направивме огромна промена, решивме наместо да се туфкаме и зборуваме колку е тешко да се работи во овие услови, да бидеме проактивни и да реализираме фестивал во физички услови, а не онлајн. Скопје го претворивме во кино под отворено небо, и успеавме да стигнеме во многу маала, да ги ревитализираме за време на фестивалот некогашните кино простори и да му дадеме друг пулс на градот“, изјави Маргарита Арсова, координаторка на „Синедејс“.

Маргарита Арсова

Годинешното жири на „Синедејс“ беше составено од актерката и продуцентка Лабина Митевска, актерот Благој Веселинов и режисерот Кнут Елстерман. Тие во заедничката изјава се децидни – за многу кусо време се согласиле дека францускиот „Гагарин“ бил најдобриот филм, па тој ја понесе главната награда „Златна ѕвезда“ во официјалната селекција.

Филмот се прикажуваше на „Синедејс“ на 21 септември, во Градски парк, но публиката не успеа да го види тој ден. Односно, успеа да види само 15-ина минути од „Гагарин“, бидејќи преводот „бегаше“, не беше синхронизиран со звукот и го разбираа само оние што учеле француски јазик. Луѓето задолжени за проекцијата пробаа да го поправат недостатокот, не успееја, па на публиката им го пуштија „Клетници“, францускиот филм што веќе се прикажуваше на вториот фестивалски дел во програмата „Гала премиери“.

Од друга страна, жирито соопштува дека е восхитено со визуелна убавина и хуманост на „Гагарин“

„Гагарин“

„Инспирирани од вистинит настан – рушењето на огромен станбен комплекс, режисерите создале модерна бајка за тоа што значи домот денес, што прави да го чувствуваме како дом – луѓе од најразлични културни потекла се обединуваат како во село, соединети во болката од загубата на овој дом. Со извонредни, автентични млади актери, совршен во третманот со бои и текстури, оригинален и стручен во играта со мотиви, овој филм е како поетска утопија, ремек-дело што ни изнуди насмевки и солзи и нѐ направи многу среќни“, се вели во образложението на жирито.

Како „храбар и ризичен“ проект, пак, го карактеризираат „Оаза“, филмот што ја доби наградата „Златно сонце“ во „SEE програмата“.

За режисерот Иван Икиќ велат дека работел со фантастични актери со попреченост и успеал да создаде трогателна љубовна приказна, конфликт на љубовен триаголник во институција за лица со интелектуална попреченост, раскажана во три поглавја. Секое поглавје е посветено на еден од трите главни лика, кои имаат високо достоинство и многу комплексни карактери.

„Многу ни се допадна начинот на кој Икиќ работи во нормален ракурс со неговите актери, никогаш не е во ѕиркачка перспектива, и оваа трогателна приказна ја раскажува однатре, а не како љубопитен набљудувач. Икиќ е одличен раскажувач, но неговиот филм е многу повеќе од тоа: без никакво претерување или едноставни обвинувања, снимен речиси во документарен стил, овој филм се залага за правото на самоопределување и љубов на лицата со попреченост“, соопштува жирито за „Оаза“.

„Оаза“

За „Матер“ во режија на Јуре Павловиќ од „SEE програмата“, кој доби специјално признание, жирито вели дека се работи за „многу едноставна, архаична приказна, конфронтација на една сурова мајка на посмртна постела со нејзината ќерка Јасна, хрватски иселеник во Германија, извонредно одиграна од фантастичната Дарија Лоренци“.

„Нѐ воодушеви детално разработениот и природен начин на кој режисерот Павловиќ го создава напнатиот однос помеѓу двете жени, истражувајќи го секое делче од ранетата душа на Јасна, врвното, длабоко проникнување во влијанијата што го градат нашиот карактер, со многу наративни детали – Јасна е многу послична на мајка си одошто мисли“, соопштува тричленото жири.

ОД МКЦ информираат дека годинешниот „Cinedays“ се случуваше со поместен термин поради корона-кризата, а го следеа 5.000 луѓе под ведрото небо. „Синедејс“ мисионерски се пресели надвор, под отворено небо со пандемични протоколи, за да не ризикува традиционалниот фестивалски термин да биде условен подоцна со онлајн проекции, што уште на првиот прес од МКЦ рекоа дека „нема да биде тоа – тоа“.

Ова значеше поставување платна за публика кај кината Напредок, Маџари, Влае, Кисела Вода. Во Дом на градежници со слушалки се следеше програмата на „ФДУ ретро“, во склоп на она што се вика „тивко кино“ (silent cinema). „Тивко“ и со слушалки беше и гледањето на дводневната „Cinema retro“, а „Синедејс“ понуди и музички документарци.

Проекција во паркот „Ибни Пајко“

Во Градски парк луѓе уживаа во различни европски филмски сензибилити, дела на режисери како Озон, Голубовиќ, Лаџ Ли, Барош и Лејбурн, а ја видоа и премиерата на „Стела“. Во Парк МКЦ слушаа концерти на „Љубојна“ и „Зулу 3.4“, а за прв пат платно беше поставено и во новиот парк „Ибни Пајко“. На последната локација организаторите имаа приземна мисија да култивираат луѓе, прикажуваа филмови како „Летечкиот циркус“ и „ТМ“, „Сите убави коњи“, музичкиот „Њујорк Аџилак“, „Матријарх“, „Езеро Мое“… Она треба да знаат сите идни филмаџии и организатори, е тоа што – колку и да ечи звук од филм на „Ибни Пајко“, повремено се меша со турбофолкерските ноќни сеанси од „Алтан“ кај Чаршија. Тоа е дел од предизвикот кога се организира настан или фестивал на отворен простор.

Се на се, „Синедејс“ во услови на пандемија се пушти да организира програмски репертоар од 40-ина филмски проекции, на девет локации низ Скопје, да понуди и детска програма и три концерти, со фокус на домашната филмска продукција.

Б.Ш.