Холивудски ѕвезди уапсени за мамење при упис на елитните универзитети

Педесет лица, меѓу нив и славните актерки Фелисити Хофман и Лори Лонглин, се обвинети дека учествувале во измама во вредност од 25 милиони долари во која помагале на богати Американци да ги запишат нивните деца на елитните универзитети како Јејл и Стенфорд.

Според обвинителите ова е најголемата измамничка шема со уписи на колеџи во историјата на Соединетите Американски Држави. Мрежата била водена од мала компанија, специјализирана за подготовки за упис на универзитети, со седиште во Калифорнија. Шемата била правена преку поткуп на тренери, лажни тестирања и фалсификувани фотографии кои давале лажна претстава за атлетските способности на децата на богати родители за да можат да се запишат на одредени, елитни, универзитети.

Во други случаи, шемата функционирала така што администраторите за приемните испити на универзитетите добивале поткуп за да дозволат други лица да ги пополнуваат тестовите, на кандидатите им ги давале одговорите, или им ги поправале погрешните одговори по тестирањата.

„Овие родители се каталог на богатство и привилегии. За секој примен студент преку измама, бил одбиен чесен и вистински талентиран кандидат“, рекол Ендрју Лелинг, обвинител од Бостон.

Вилијам „Рик“ Сингер ја признал вината по обвинението дека ја водел мрежата низ „Кариерниот центар – Еџ“, во кој за услугите се наплаќало од 100 илјади до 2,5 милиони долари по дете, кои биле сокриени како доброволни прилози за лажна хуманитарна организација.

„Практично ги купував и ги подмитував спортските наставници за место. И тоа се случуваше многу често“, рекол Сингер во признанието на вината.

Измамата започнала во 2011 година и непрекинато се одвивала оттогаш. Меѓу универзитетите кои биле вклучени во шемата биле Јејл, Стенфорд, Џорџтаун, Универзитетот на Јужна Калифорнија, Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес и Универзитетот во Тексас.

Хофман, позната по улогата во серијата „Очајни домаќинки“ е обвинета дека платила 15.000 долари за да се лажира приемниот испит на нејзината најстара ќерка. Логлин и нејзиниот сопруг платиле 500 илјади долари за прием на нивните две ќерки како кајакарки на Универзитетот на Јужна Калифорнија и покрај фактот што тие не се занимавале со тој спорт.