Холандската полиција им ги запленува сендвичите на британските возачи поради Брегзит

Новите правила по Брегзит стапија на сила и на изненадување на британските возачи, деновиве при влез во Европската Унија, холандската полиција им запленува сендвичи, објави вчера „Би-Би-Си“.

Снимките од холандска телевизија „NPO1“ покажува како граничарите им ги објаснуваат на возачите новите правила за увоз, кои се воведени по официјалното напуштање на Велика Британија од ЕУ.

Според овие правила, патниците кои влегуваат во Унијата не можат да внесуваат месо и млечни производи, а се чини дека тоа ги збуни возачите.

„По Брегзит, веќе не можете да увезувате одредена храна во Европа, како месо, овошје, зеленчук, риба и слично“, му вели граничар на еден од возачите.

На дел од снимката се гледа како полицаец го прашува возачот дали има месо во завитканиот сендвич. Кога возачот одговори потврдно, граничарот му вели „во ред, ќе ти го земеме“.

Изненадениот возач потоа прашува дали може барем да го задржи лебот, на што полицаецот му одговара „не, ќе земеме се. Добредојдовте во Брегзит, извинете“.

Велика Британија официјално се одвои од ЕУ на 31 декември, минатата година. Ова доведе до големи промени во економијата, бидејќи земјата и ЕУ станаа одделни пазари.