Хетеротопија – видеопроект на Мирослав Илиќ

„Хетеротопија“ е експериментален видеопроект на младиот Мирослав Илиќ, кој опфаќа музички изведби на неафирмирани македонски алтернативни соло артисти или бендови и инсталации на македонски уметници.

„Терминот ‘хетеротопија’, кој никогаш немал конкретна дефиниција, го користел францускиот филозоф Мишел Фуко, кој го објаснува како имагинарен простор во кој заемно дејствуваат повеќе фрагметирани светови. Хетеропија се сите оние реални места, простори, рефлексии, амбиенти, групи на луѓе кои иако се физички ентитет сепак содржат нереални елементи кои ние според доживувањето ги проектираме во тој момент и ни овозможуваат послободно субјективно интерпретирање на моментот“, појаснува Илиќ.

Неконкретното дефинирање на терминот најточно ја опишува тематиката на неговиот видеопроект, или како што вели Илиќ, акумулирањето на уметност и умови кои дејствуваат слично на едно имагинарно поле.

„Колоквијалниот стил на изразување го прави гледањето ‘поблиско’ за гледачот и допринесува на чувството на интимност и воедно го олеснува изразувањето. Неконвенционалниот начин на монтажа и звукот се едни од круцијалните елементи за реализација на специфичноста на идејата и можноста за слободно субјективно интерпретирање. Внимателно се избира и сценографијата која мора да го комплементира стилот на изведувачите“, вели Илиќ.

Во првиот дел од проектот ‘Течение’ опфатена е водата како движечки елемент на дејството и апотеоза на природата и се што произлегува од неа. Во овој дел опфатена е инсталација на Ива Станковска и музичката изведба ‘Dripping’ на Ива Јованова и Љубен Дерибан кои се исто така членови на ‘Contact 59’.