Хелсиншки за пресудата на Савески и Куновски: Правото мора да ѝ служи на правдата

Хелсиншкиот комитет за човекови права изрази незадоволство и разочарување од пресудата на Апелациониот суд Скопје, со која е изречена условна затворска казна од 6 месеци за Здравко Савески и Владимир Куновски, кои треба и солидарно да платат износ од половина милион денари за материјалната штета предизвикана од кршењето на претседателската канцеларија за време на протестите на Шарената револуција.

„Се работи за настан од 12 април 2016 година, кога тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов објави општа аболиција на 56 лица, со која најмногу беа опфатени политичари од тогашната власт засегнати од истрагите на СЈО и неколкумина политичари од тогашната опозиција. Оваа одлука на претседателот беше дочекана со жестока реакција од граѓаните, кои истиот ден спонтано го изразија својот револт, собирајќи се пред неговата канцеларија во центарот на градот. Репресивниот полициски апарат на тогашната власт веднаш ја покажа својата жестокост, но и селективност во справувањето со демонстрантите. Од целата толпа – шест лица беа приведени и ставени во куќен притвор, а обвинителството брзо спреми обвинителни акти за водење судски кривичен прогон“, посочува Хелсиншкиот комитет.

Дополнително, оттаму велат дека од една страна казнувањето и справувањето со високиот криминал на функционерите оди бавно, доведувајќи до застареност на кривичното гонење за дела кои вклучуваат милионски суми проневерени буџетски средства, политичка репресија или незаконито следење на граѓаните.

„Од друга страна, за граѓани што се одважија и се спротиставија на криминалната аболиција, судските постапки траат шест години и се изрекуваат драконски казни за нивниот активизам“, додаваат од Хелсиншки.

Според нив, со оваа пресуда судовите испраќаат порака до граѓаните да останат безгласни и пасивни пред корупцијата, криминалот и неправдата, затоа што, како што велат, во спротивно ќе се соочат со кривичен прогон во кој повисоката цел, односно демократијата и владеењето на правото треба да отстапи пред политичката репресија и формализмот на правната држава.

„Сметаме дека е поразително тоа што судовите целосно го игнорираат контекстот во кој се случило делото, односно дека ги занемаруваат причините за граѓанскиот револт во критичниот ден – срамната аболиција која беше кулминација на режимското владеење, заробувањето на институциите и погазувањето на правната држава. Правото мора да ѝ служи на правдата“, порачува Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Инаку судечкиот совет на Основниот суд Скопје 1 на крајот на 2018 година изрече ослободителни пресуди за Савески и Куновски. Ослободителната пресуда тогаш беше изречена поради недостиг на докази, а од текот на постапката се потврдило дека двајцата биле дел од толпата, но не и дека извршиле демолирање.

Апелациониот суд во Скопје потоа ја укина ослободителната пресуда, откако обвинителството поднесе жалба до Апелациониот суд, поради тоа што судот не дозволил да биде сослушано лице, односно сведок како овластен претставник од Канцеларијата на Иванов.

За демолирањето на канцеларијата на Иванов, случај сè уште се води за Мариглен Демири, откако условни затворски казни добија и Никола Аризанов, Филип Наковски и Борјан Ефтимов.

Условна затворска казна од 6 месеци за Куновски и Савески за демолирањето на канцеларијата на Иванов