Хелсиншки: Седумнаесет инциденти од омраза во јануари, еден поради сексуална ориентација

Седумнаесет инциденти од омраза, меѓу кои и еден мотивиран од сексуалната ориентација на жртвата (ЛГБТИ), како и две пријави од жени за семејно насилство се пријавени кај Хелсиншкиот комитет за човекови права во месец јануари.

Како што посочуваат од Хелсиншки, случајот со напад врз ЛГБТИ лицето, е направен во градски автобус на ЈСП бр. 5, кога сторителот го нападнал пријавителот единствено поради неговата сексуална ориентација.

„Имено напаѓачот само поради личните и физички карактеристики на пријавителот, откако прокоментирал нешто, силно со бокс го удрил во горниот дел од главата, и веднаш излегол од автобусот. Пријавителот се здобил со повреди од ваквиот удар, црвенило, оток и нагмеченост во горната фацијална регија, поради што побарал соодветна лекарска помош. Меѓутоа, пријавителот не пријавил веднаш по настанот од причина што немал доверба во институциите на системот, а се плашел и од понатамошна виктимизација. Сепак, после два дена од настанот жртвата го контактираше Хелсиншкиот Комитет за човекови права и беше мотивирана случајот да го пријави во полициска станица“, стои во сооштението на Хелсиншки.

Оттаму забележуваат дека овој случајот во дневниот билтен на МВР не е квалификуван како дело сторено до омраза и никаде не е наведена сексуалната ориентација на жртвата како пристрасен мотив за сторување на тоа дело.

Дополнително информираат дека во јануари, на порталот www.govornaomraza.mk пријавени се 65 случаи поврзани со говор на омраза.

Во однос на двата случаите со семејно насилство, и двата се сторени од страна на брачни партнери на жените. Првиот случај резултирал со телесни повреди, а во вториот е регистрирано психичко насилство од  поранешен партнер. И двата случаи се пријавени во Меѓуопштински центар за социјална работа, но од Хелсиншки укажуваат на неефикасна заштита на жртви на семејно насилство.

„Центарот за социјална работа е една од надлежните институции кои се должни да преземат мерки за заштита на жртвите на семејно насилство. Стручните тимови при Центарот мора со должно внимание да вршат проценка на потребите за заштита на жртвите, според видот, интензитетот и контекстот на случување на насилството, а особено во случаи кога жртви се малолетни деца. Следствено на ова неопходно е предложување на ефикасни привремени мерки кои ќе допринесат до превенција и запирање на насилството како и отстранување на последиците од извршеното насилство“ препорачуваат од Хелсиншки.