Хелсиншки комитет: Човековите права да бидат во фокусот на политиките за закрепнување од кризата

На 10 декември, Денот на човековите права од Хелсиншкиот комитет предупредуваат дека човековите права и слободи мора да бидат земени предвид при преземањето мерки за заштита и справување со пандемијата, а дека ранливите групи граѓани мора да бидат заштитени во новонастанатата ситуација.

Поради пандемијата од ковид-19, од Комитетот известуваат дека регистрирале 600 барања за бесплатна правна помош, а најголемиот дел од нив, односно повеќе од 300 пријави, се однесуваат на работниците и нивните права, чие грубо прекршување започна веднаш по прогласувањето на вонредната состојба. Губењето на работните места, незаконските откази, намалувањето на платите, како и несоодветните услови за работа во новонастанатата состојба, се меѓу најчестите последици од ударот на пандемијата врз работниците.

„Кризата дополнително го продлабочи социјалниот ризик со кој се соочуваат бројни семејства во земјава. Иако државата ги приспособи постапките за остварување на правата од социјална заштита и креираше сетови мерки за поддршка, пандемијата нè соочи со евидентните социјални разлики и продлабочувањето на огромниот јаз помеѓу сиромашните и богатите. Кризата покажа дека и групите кои се маргинализирани, беа несразмерно погодени од кризата- лицата со попреченост, старите лица, бездомните лица, а со специфични последици се соочија и децата, како и лицата сместени во затворени институции. Комитетот во октомври подготви посебен извештај за состојбата со човековите права во време на Ковид-19, а и годишниот извештај на Комитетот кој ќе биде изработен на почетокот на 2021-ва, ќе ги сумира сите наши податоци и сознанија од оваа кризна година“, велат од Комитетот.

Оттаму дополнуваат дека родовата нееднаквост е еден од клучните проблеми на општествата и во ,,нормални’’ услови, па неминовно беше кризата да има и родова димензија.

„За тоа говори фактот што две третини од пријавите кои пристигнаа во Комитетот се поднесени од жени. Текстилните работнички и во кризниот период останаа една од најпогодените групи- и во однос на несоодветниот превоз и услови за работа во време на пандемијаа, и во однос на непродолжување на договори за работа и ослободување од работни обврски на хронично болните. Една од најчесто прекршуваните мерки беше ослободувањето на еден родител од работа, која иако беше замислена како родосензитивна мерка, не се оствари како таква во пракса“, посочуваат тие.

На ова се надоврзува и состојбата со семејното и родово базираното насилство, на која се предупредуваше уште на почетокот на кризата, со оглед на тоа што рестриктивните мерки како изолација и карантин беа оценети како причини за зголемен ризик од насилство.

„Најавите за усвојување на Законот за семејно и родово базирано насилство даваат надеж дека за голем дел од проблемите засилени со кризата, ќе им се пристапи системски, а жртвите конечно ќе добијат соодветен третман и заштита. Домот не е безбедно место за многу жени, но и за многу припадници на ЛГБТИ заедницата, за кои изолацијата во домот кој не ги прифаќа, претставуваше дополнителен ризик за нивното физичко и ментално здравје“, сооштуваат од Комитетот.

Кога станува збор за пристапот до здравствена заштита, од Комитетот констатираат дека во ситуација кога човековите права се дополнително ранливи само се продлабочи нееднаквиот третман во низа општествени сфери како работните односи, социјалната и здравствената заштита.

„На површина излегоа сите болни точки на македонското здравство, како последица на долгогодишните нерешени проблеми во здравствениот систем. Евидентна е и појавата на кризно профитерство преку астрономски цени на услуги во приватните здравствени установи, кои се недостижни за поголемиот дел од населението“, велат оттаму.

Поаѓајќи од секојдневните контакти со граѓани, клучните препораки од Хелсиншкиот комитет за закрепнување од кризата се:

Дискриминацијата по различни основи е коренот на многу проблеми. Затоа е потребно креирање на професионални и ефикасни тела кои ќе се борат против нееднаквоста во општеството, проследено со сериозни системски промени кои ќе овозможат доследна примена на начелото на еднаквост во сите општествени сфери.

Новиот Закон за работните односи треба да ги рефлектира вистинските потреби на работниците што ги наметна кризата и да ги вклучи лекциите произлезени од неа, со цел да се подобри состојбата со работничките права.

Жените се несразмерно повеќе погодени од последиците на пандемијата. Носителите на одлуки не смеат да ја игнорираат родовата димензија на кризата.

Потребно е носење и имплементирање на политики за унапредување на родовата еднаквост, кои ќе ја адресираат специфичната положба во која се наоѓаат работничките, а истовремено ќе овозможат постојниот општествен и трудов систем да ги заштити подеднакво сите работнички, без разлика на нивниот статус во работните процеси (формален или неформален).

Потребна е сеопфатна политика и мерки кои ќе ги заштитат сиромашните граѓани и ќе ги извлекуваат од состојба на постојан социјален ризик.

Усвојувањето на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, мора да биде проследено и со длабоки реформи во постапувањето на надлежните институции.

Лицата со попреченост се уште претставуваат една од најмаргинализираните групи во општеството и беа диспропорционално засегнати од ефектите на пандемијата. Потребно е нивна еднаква вклученост во процесите на донесување одлуки и во сите сфери на општествениот живот со цел да се обезбеди нивно непречено функционирање и достоинствен живот. Санкционирање на говорот на омраза затоа што ги продлабочува поделбите меѓу луѓето и влијае на нарушување на принципите на солидарност и хуманост.

Воспоставување на превентивен образовен механизам и едукација на младите за надминување на предрасудите и стереотипите.