Хелсиншки: Етничката припадност главен мотиватор за кривични дела од омраза, бројките дуплирани

Двојно е зголемен бројот на кривични дела од омраза за 2018 година, споредено со 2017 година, стои во годишниот извештај за криминал од омраза на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Оттаму посочуваат дека иако процентуално е опаднат бројот на кривични дела и инциденти од говор на омраза мотивирани од политичка припадност, има драстично зголемување на кривични дела од омраза поради етничка припадност. Дури 64% од инцидентите се извршени по основ на етничка припадност и речиси сите се случиле помеѓу припадници на македонската и албанската етничка заедница, при што мнозинството жртви и сторители се малолетни лица.

Според извршната директорка, Уранија Пировска, дополнително загрижува фактот што државата не презема мерки за справување со проблемот.

„За жал, секоја година кога ги објавуваме податоците, за тоа колку кривични дела и инциденти од омраза сме регистрирале, на крајот кога ќе направиме сума-сумарум на целата состојба, препораките се секогаш исти. Тоа зборува за фактот дека, државата и понатаму не ги презема сите мерки, коишто треба да ги преземе, за да се спречат кривичните дела од омраза, но и да се спречи говорот на омраза, кој што е главниот прчинител, за потикнување на насилство и за појавата на кривичните дела и инциденти од омраза“, вели Пировска.

Додава дека главната забелешка е секогаш упатена кон Јавното обвинителство, заради, како што вели, Хелсиншкиот комитет е подносител на голем број кривични пријави, коишто се однесуваат на говорот на омраза, но до денес, ниту една од кривичните пријави нема исход.

„Најпоразителниот податок кога станува збор за говорот на омраза е дека во РСМ има само една пресуда за говор на омраза. Се додека јавното обвинителство не се справува со говорот на омраза, ние ќе се соочуваме со кривични дела и инциденти од омраза“, надополни Пировска.

Вели дека судовите не ги третираат овие дела соодветно, а со тоа не се праќа соодветна порака до јавноста, дека државата вложува напор да се справува со негативните феномени.

Хајди Штерјова Симоновиќ која е една од авторките на извештајот, вели дека од 123 инциденти колку што забалежале во 2018 година, како институционална реакција на државата, се поднесени само 24 кривични пријави за сторителите на вакви инциденти.

„Доколку детално се погледнат сите инциденти, ќе се види дека најголем дел од овие кривични пријави се однесуваат на дела каде што биле вклучени, или инволвирани, каде што жртви биле јавни личности или политичари. Најголемиот дел од инцидентите каде што се вклучени малолетници и млади луѓе, сепак остануваат нерешени и без соодветен институционален одговор, или се регистрирани како прекршок“, вели Симоновиќ.

Според извештајот, Скопје во однос на делата и инцидентите од омраза е најнебезбеден град во државава.

„Најголем дел од инцидентите се случени во Скопје, а најнесигурни општини се Гази Баба, Општина Центар и Општина Чаир“, додава Симоновиќ.

Таа упати порака до надлежните во локалната самоуправа, да посветат внимание во однос на случувањата на ваков вид инциденти и развивање на еден момент на толеранција и основа за толеранција и соживот, со цел да се намали ваквиот број на инциденти.

Дополнително , само во првото полугодие на 2019 година, од Хелсиншкиот комитет соопштуваат дека има тренд на зголемување на инцидентите. До сега регистрирале 109 инциденти сторени од омраза, а најчесто основата поради кои се сторуваат ваквите инциденти е етничката припадност.

Велат дека за разлика од претходните пет години, годинава имаат и два случаи сторени поради сексуална ориентација.

„Ова укажува, не дека во останатите 5 години не се случувале инциденти каде што луѓето со поинаква сексуална ориентација биле жртви на дела од омраза, туку дека можеби луѓето се охрабриле сега, дека постои таква атмосфера во нашето општество, повторно да пријават вакви инциденти,“ дополнува Симоновиќ.

Симоновиќ повторно упати порака до властите, да одговорат соодветно и со должно внимание да ги истражат овие инциденти, а доколку се утврдат елементи на кривично дело тие да бидат процесуирани и доколку постојат докази да бидат казнети за таквите дела.

„Меѓутоа упатуваме порака повторно да ги земат во работа, и да продолжат да ги работат кривичните пријави, поднесени уште 2014-2015 година за нападите во стара чаршија на ЛГБТИ центарот и ЛГБТИ активисти врз кои беше извршено насилство, а тие дела се уште стојат и не се решени од надлежните институции“, вели Симоновиќ.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права препорачуваат да се земе во предвид искуството на државите членки на ЕУ во проширувањето во рамките на нивното кривично законодавство на обемот на казнивите кривични дела од омраза, преземање соодветни мерки за да се потпомогне пријавувањето на делата од омраза од страна на жртвите, како и мерки за градење доверба во полицијата и другите институции. Исто така, даваат препораки во насока да се осигура брза и ефективна истрака за гонење на делата од омраза, собирање и објавување на сеопфатни и компарабилни податоци за делата од омраза, како и унапредување на обуката на релевантни практичари кои доаѓаат во контакт со жртвите на дела на омраза.

Сметаат дека е неопходно да се зајакнат превентивните мерки, и да се осигура дека жртвите на делата од омраза се поддржани и заштитени.

Мартин Колоски