Хелсиншки: 133 бегалци во гевгелискиот камп, 76 на Табановце

Во неделниот извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права, за состојбата со бегалците на граничните премини, изготвен минатата недела, се наведува дека 133 бегалци има во Гевгелија, а 76 на Табановце.

Вкупниот број на бегалци во кампот во Гевгелија е непроменет од минатата седмица. Од Комитетот забележуваат дека се поставени климатизери во куќарките каде недостигале, како и дека се прави бекатонска батека во внатрешноста на цел камп.

 

„Шестчлено семејство се откажало од поднесеното барање за азил, наводно поради несоодветна здравствена заштита и нега на две од нивните четири деца, кои имаат сериозни нарушувања на видот. Во кампот повремено се носат бегалци кои се затекнуваат по илегални патишта. Така, во текот на оваа седмица вкупно 82 бегалци беа донесени во приемниот шатор, а брзо потоа беа пренесени на грчка страна. Групите беа составени од бегалци од различно потекло, односно од Сирија, Бангладеш, Авганистан, Пакистан и Мароко“, стои во извештајот.

 

Во Куманово пак бројот на бегалци во кампот кој на почетокот на седмицата изнесувал 95, е намален на 76 лица кои се со потекло од Сирија.

„Во кампот постојано пристигнуваат бегалци со потекло од различни земји, кои по краток престој во кампот го продолжуваат своето патување. Во текот на седмицата, пристигнаа тројца бегалци од Алжир, на кои откако им беше укажана хуманитарна помош, од страна на надлежните институции им беше соопштено да го напуштат кампот“, стои во извештајот.

Во Прифатниот центар за странци во Гази Баба во текот на минатата седмица се задржани 38 лица, а додека во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово се наоѓаат 25 бегалци. Во Безбедната куќа во која се згрижуваат ранливи групи односно жени и (непридружени) деца, во моментот се згрижени 11 бегалци.