ХБО работи на три „спин оф“ серии од Игра на тронови

За сите оние кои се разочарани што се ближи крајот на серијата Игра на тронови, можеби ќе ги израдуваат информациите дека ХБО најверојатно работи на три „спин оф“ серии од мега популарниот телевизиски серијал.

Оваа вест ја најави Џорџ Р.Р. Мартин, писателот на книгите по кои е направена Игра на тронови, на својот блог:

„Имавме пет различни серии кои требаа да ја наследат Игра на тронови (не ми се допаѓа терминот „спин оф“) на ХБО и три од нив сè уште се развиваат на добар начин. Едната која не смеам да ја наречам „Долгата ноќ“ ќе биде снимана кон крајот на годинава, додека другите две остануваат во фаза на сценарио, но се ближат кон крајот“, напиша Мартин.

Од ХБО веќе подолго навестуваа дека имаат намера да го максимизираат интересот кој го привлекува серијата.

„Во медиумите се зборуваше дека има „четири спин оф серии“ и јавноста претпоставуваше дека сите од нив ќе се случат и дека ќе имаме нова серија Игра на тронови на секое тримесечје. Но, не размислуваме за тоа. Идејата не е да правиме четири серии. Очекувањата на Бениоф и Ваис се поставени толку високо што јас се надевам дека ќе добиеме барем една серија која ќе ги исполни овие очекувања“, изјавил Кејси Блојс, претседателот на програмскиот дел на ХБО пред две години.

Подетални информации околу темите или ликовите кои би се обработувале во спин оф сериите сè уште не се споделени со јавноста.