Францускиот претседателски кандидат Емануел Макрон преку својот штаб извести дека бил цел на „масовен хакерски напад“, откако голема количина на приватни документи и сметки беше објавена на интернет.
Од кампањата на кандидатот велат дека оригинални и легитимни податоци се измешани со лажни, за да ја збунат јавноста. Дополнуваат и дека хакерите сакале да го поткопаат Макрон, пред вториот круг на гласање утре.
Центристот на изборите ќе се соочува со кандидатката на радикалната десница, Марин Ле Пен.
Документите протекоа на веб страница за споделување на податоци. Од штабот на Макрон рекоа дека постапката е за огромна осуда, особено затоа што податоците биле објавени токму пред започнувањето на предизборниот молк кој започна на полноќ.
Кандидатите и медиумите сега се соочуваат со рестрикции, додека да се затворат гласачките места во недела навечер. Тоа значи дека Макрон не смее да објави ништо друго за случајот.
Околу девет гигабајти документи се достапни на интернет, а ги прикачил анонимен корисник.
Движењето на Макрон, En Marche, вели дека приватни документи на кампањата, меѓу кои и имејл адреси и податоци за финансиите, се преземени во акт на „масивно, координирано хакирање“.
„Протечените податоци се набавени неколку седмици претходно, преку хакирање на лични и професионални имејл адреси на неколку службени лица од движењето“, пишува во изјавата.
Француската изборна комисија предупреди дека објавување или споделување на протечените информации ќе се смета за кривичен прекршок.
Анкетите на јавно мислење покажуваат дека поранешниот министер за економија има водство од 20 проценти или повеќе пред Ле Пен, кандидатката на Националниот Фронт.