Хакирана сметката на директорот на Твитер, објавени расистички пораки

Официјалната твитер-сметка на извршниот директор на компанијата Џек Дорси беше хакирана, а на неа беа објавувани расистички и вулгарни пораки и закани, кои ги добиваа неговите 4,2 милиони следбеници.

Во постовите напаѓачите упатуваа закани кон седиштетот на Твитер во Сан Франциско и ја користеа сметката на Дорси за да ретвитуваат пораки од неколку лица што тврдат дека ја преземаат одговорноста за пробивањето.

Твитер соопшти дека е запознаен со ситуацијата и покрена истрага.

Иако сметката на Дорси беше хакирана само неколку минути, тоа беше доволно долго за хакерите да објават низа навредливи пораки. Објавите брзо беа избришани.

Лицето што ги испраќа пораките од сметката на Дорси вчера пишуваше твитови како „Хитлер е невин“ и, користејќи вулгарен речник, побара од директорот на Твитер да го одблокира својот профил.