Хакерска група се закани дека ќе ја исклучи играта „Pokémon Go“ на 1 август

Хакерите кои ја преземаа одговорноста за привремениот пад на играта „ Pokémon Go“ овој викенд, се заканија со нов поголем напад за две недели.

Групата, позната на Твитер како PoodleCorp, тврди дека ги соборила серверите на играта во саботата, користејќи го истиот напад како оние врз Плејстејшн Нетворк на Сони и ИксБокс Лајф, за време на Божиќ во 2014 година.

„Тоа беше само мал тест, ние ќе направиме нешто поголемо наскоро“, напиша Твитер корисникот XO, кој вели дека е лидерот на PoodleCorp.

Еден ден подоцна, преку профилот на PoodleCorp беше соопштено: „Први август #PoodleCorp #PokémonGo”.

Серверите на Pokémon Go постојано беа оптоварени поради огромниот број на корисници откако играта за првпат беше пуштена во Австралија, Нов Зеланд и во САД, пред две недели.

Ниантик Лабс, стартап компанијата на Гугл, која ја создаде играта во 2015 година, го паузираше интернационалното лансирање се додека не биде сигурно дека нејзините сервери ќе можат да се справат со интернет сообраќајот. Од таму велат дека падот на апликацијата во саботата е поради огромниот број на симнувања.

„Поради неверојатниот број на симнувања на Pokémon Go, некои тренери искусија проблеми при поврзување со серверот“ се вели во пораката на официјалната веб-страница на Ниантик, заедно со „Не грижете се, нашиот тим работи на тоа“.

Но, PoodleCorp, кои тврдат дека се здружиле со Lizard Squad и уште неколку хакерски групи, инсистираат дека тие се виновници за нападот.

Колективот, претходно тврдеше дека ги нападнале „League of Legends“ и познати Јутјуб канали, како оние на „Leafy“ и „h3h3 Productions“.

„Ние ќе ги собориме сите сервери на Pokémon Go, во текот на целиот ден, на 1 август“, стои во заканата.

Од хакерскиот колектив велат дека нападот е направен користејќи „многу голем ботнет“, односно мрежа на компјутери поврзани со вирус кои далечински можат да се контролираат од сајбер криминалци.

XO ги предупреди страствените играчи со пораката: „Најдете нешто друго да правете, бидејќи ако тоа е единственото нешто што треба да го правите, потребен ви е живот“.

Играта за кратко стана фенормен. Аугментираната реалност во играта го надмина бројот на корисници на Тиндер, како и ангажманот на корисниците на Твитер и Фејсбук.

Како соработка помеѓу Ниантик, Нинтендо и одвоената Покемон компанија, играта ги зголеми акциите на Нинтендо за 90 отсто. Тоа значи дека создавачите на играта, кои поседуваат 32 отсто од профитот, заработиле 17 милијарди долари во пазарна вредност за само две недели.