„Гугл“ призна дека вработени ги слушаат приватните аудио снимки од паметните звучници „Гугл хоум“

Вработените во „Гугл“ ги слушаат аудио снимките на паметните звучници на „Гугл хоум“, признава технолошкиот гигант.

Во „Гугл“ се вработени јазични експерти за да анализираат мали делови од снимки направени од корисниците, кои „Гугл“ тврди дека помагаат за подобрување на технологијата за препознавање на глас. Според компанијата, тоа потоа се користи за развивање на вештачката интелегенција на „Гугл асистент“, кој потоа се користи за паметните звучници на „Гугл хоум“ и паметните телефони на „Андроид“.

„Гугл асистентот“ разбира и враќа повратна порака на гласовните команди кои му се задаваат, одговарајќи на прашања за време и вести, како и за контрола на други уреди што се поврзани преку интернет во домот. Компанијата во соопштение, вели дека мал број  анонимни снимки биле транскрибирани од нивни експерти, и велат дека истрагата била започната откако биле обелоденети аудио снимки на холандски јазик.

„Соработуваме со јазични експерти ширум светот за да ја подобриме технологијата со транскрибирање на мал број прашања – оваа работа е од клучно значење за развивање на технологијата значајна за производите како „Гугл асистент“. Јазичните експерти прегледуваат само 0.2% од сите аудио фрагменти, и тие фрагменти не се поврзани со кориснички сметки како дел од процесот на проверка“, велат од „Гугл“.

„Дознавме дека еден од тие што ги проверуваат фрагментите ја прекршил нашата политика за безбедност, со обелоденување на доверливи аудио снимки на холандски јазик. Нашите тимови за безбедност и приватност се активирани по ова прашање, истражуваат и ќе преземеме акција. Спроведуваме целосен преглед на нашите заштитни мерки во овој дел, за да спречиме такви неправилности да се повторат“, додаваат од „Гугл“.

Претходно оваа година, извештај на „Блумберг“ откри дека од технолошкиот гигант „Амазон“, исто така, преслушуваат некои од снимките на корисничките интеракции, со нивниот асистент „Алекса“ кој исто така е базиран на гласовни команди.

Од „Амазон“ го потврдија процесот и велат дека тоа е направено со мал број на снимки со цел да се помогне со вештачката интелегенција во враќањето на гласовните команди на корисникот.

Компанијата исто така вели дека корисниците можат да ги прегледуваат и бришат снимките поврзани со нивната сметка преку придружната апликација на „Алекса“.