Групна изложба „Мојот белег“ од 18 до 30 ноември

Во ЈУ Културно Информативен Центар – Скопје, во Изложбениот салон – Империјал 2, од 18 до 30 номври ќе биде отворена групната изложба наречена „Мојот белег“.

Изложбата ќе биде отворена од 19 часот, а ќе се претстават уметниците Јана Јакимовска, Ана Ивановска, Шќипе Мехмети, Симонида Филиповска Китановска, Жанета Глигориевска, Жанета Гелевска Велковска – Жани, Јана Манева Чупоска, Ана Темкова и Емилија Божиновска.

„Во ова време – невреме, во кое сите почнавме како безглави да трчаме во остварување на големите амбиции, свои или туѓи, во кои борбата за опстанок и егзистенција стана лавовска борба на посилни и подоминантни, време во кое нема простор за слабости, за недоумици, несигурности, откажувања, време во кое како да станавме дел од масата која ја води некоја посилна енергија, не говорам политичка или идеолошка, тоа го оставам настрана, иако не го исклучувам, туку енергија на стремење кон нешто и за нешто, како да се подзаборавивме себе си, како да станавме ние, наместо јас, како да сме дел од толпа, во која не ретко го губиме својот идентитет за да задоволиме туѓи и колективни потребни“, се вели во најавата на групната изложба.

Во таа „хајка“, велат организаторите, неретко се заточуваме себе си заробени во безизлез, како во магичен круг во кој мантрично се движиме без почеток и крај, изгубени, исплашени, дезориентирани. Но, колку и да мислиме дека сме мали и безначајни во лавиринтите на бирократските системи, сепак сите оставаме трага, или белег на постоење, на егзистенција, на препознатливост и автентичност, колку и да е таа минорна и минлива.

„Креативците пак, уметниците, имаат една предност, а тоа е безвременоста. Авторскиот век на уметникот е минлив, но неговото дело останува вечно. Токму оваа траекторија на оставање траг на препознатливост и уникатност зад себе, или бележење на себството и неговото значење е идејниот симулакрум околу кој се плетат визуелните приказни на деветте авторки собрани околу мултимедијалниот проект ‘Мојот белег’. Сите претставнички на различни генерации, на различни ликовни јазици и стилови, на различни идејни контексти и концептуални перпетуации се обединија во идејата да го акцентираат сопствениот моментален или подолготраен белег на посебност и индивидуалност“, стои во најавата.