Граѓански собир пред Собрание за Светскиот ден за борба против родителско отуѓување

Граѓански собир по повод 25 април, Светскиот ден за борба против родителско отуѓување ќе се одржи денес пред Собранието на Република Македонија. Настанот чиј почеток е најавен за 17.30 часот е организиран од страна на Граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно родителство по развод, со поддршка од Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

„Целта на овој собир е да се укаже на фактот дека се повеќе деца се предмет на родителско отуѓување, односно влијание на едниот родител за децата да го отфрлат другиот родител. Ваквата тешка злоупотреба на децата е директна последица од начинот на постапување на државата со децата од разведени бракови и нивното доделување на чување и воспитување на само еден родител“, посочуваат организаторите на собирот.

На собирот ќе се обратат претставници на организаторите како и родители, кои на своја кожа го осетиле родителското отуѓување. Својата болна приказна ќе ја сподели родител, чие дете веќе подолго време е надвор од Република Македонија и со него нема контакт. Исто така, се очекува преку видео порака поддршка да дадат и граѓански здруженија од соседните држави.

Граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно родителство по развод своите барања за измена на посточеките закони и пракса, ќе ги достави до Собранието и до Владата на Република Македонија.