Граѓани го блокираа патот кон планираниот рудник во Иловица

Локални жители заедно со активисти денеска го блокираа пристапот до местото предвидено за рудник, каде веќе една недела се вршат археолошки истражувања.

Милена Зафирова од „Здрава Котлина“ за Радио МОФ вели дека веќе три години поминаа како протестираат, дискутираат, алармираат против рудникот Иловица-Штука. Ги пробале сите начини да ги убедат институциите да се одземе концесијата на „Еуромакс“, но, вели таа, ништо од тоа не функционира.

„Ова се случува на иницијатива на жителите на најзасегнатите села што се под рудникот, жителите на Иловица и на Штука, а секако добија поддршка од еко-активистите. Се собравме сабајлево околу пет часот, со автомобили, трактори, механизација, околу 60-70 луѓе, со цел едноставно да си ја земеме работата во свои раце, затоа што институциите, гледаме цело време молчат. А, она што сме сведоци во минативе денови е дека дури една државна институција, национална како што е Музејот во Струмица, почнува со прелиминарни археолошки истражувања на локалитетите горе. И тоа прелиминарни археолошки истражувања кои што ги спонзорира концесионерот. Ние не сме против археолошки истражувања, туку мислиме дека не е време за вакво нешто. Тоа се случува едноставно како провокација и го сметаме како едноставно долевање ‘масло во огнот’“, вели Зафирова.

Иако претходно добиле уверување дека нема пробивано никакви патишта, сепак, Зафирова нагласува дека денес активистите на терен затекнале сечени гранки и порамнувања.

„Ова ќе го правиме секој ден, се дури не се стави мораториум на сите отпочнати активности и се додека не се одземе истечената концесија на инвеститорот. Исто така,  паралелно со овие блокади, веќе подготвуваме дописи до сите релевантни министерства, дури и до Антикорупциска комисија, бидејќи имаме основани сомненија дека таму нешто чудно се случува“, додава Зафирова.

Претходно „Мета“ објави одговор од „Еуромакс Рисорсис“, каде компанијата тврди дека нивен приоритет е безбедноста на населението на Иловица и Штука, луѓето што работат за нив и Заводот за заштита на споменици и Археолошкиот и Музеј Струмица. Исто така, компанијата „се надева дека археолозите ќе може да продолжат со работата со мнозинска согласност од заедницата“.

Од „Еуромакс“ тврдат и дека се сретнале со претставници на заедницата и дека ја објасниле програмата за работа, како и дека Музејот ги спроведува работите со дозвола од надлежните институции.