„Градски енергетски системи АД Скопје“ – ново претпријатие за енергетски дејности

На последната седница на Советот на Град Скопје се основаше ново јавно претпријатие „Градски енергетски системи АД Скопје“ кое ќе врши енергетски дејности.

„Советот на Град Скопје во својство на Собрание на акционери го усвои Статутот на Акционерското друштво за енергетски дејности и ги избра членовите на Надзорниот одбор на новото јавно претпријатие кои понатаму ќе изберат Управен одбор од пет члена. Ова акционерско друштво за подрачјето на Град Скопје ќе врши снабдување на природен гас и топлинска енергија, како дејности од јавен интерес од локално значење“, соопштува Град Скопје.

Со преземањето на топловодната мрежа, велат од Градот, започнува да се имплементира процесот на гасификација на градот, во кој граѓаните на Скопје во претстојната грејна сезона ќе можат да почнат да ги користат услугите на новото јавно претпријатие.