Градоначалникот на Лондон ја забрани градбата на облакодерот „Лале“ поради неквалитет

Плановите за изградба на 300-метарскиот облакодер наречен „Лале“ во центарот на Лондон, покрај реката Темза, беа одбиени од градоначалникот Садик Кан.

Објектот кој е дизајниран од архитектонската компанија „Фостер + Партнерите“ требаше да биде втора највисока зграда во Западна Европа, но нејзиниот дизајн бил отфрлен како недоволно добар за толку атрактивна локација.

Поддржувачите на проектот ветуваа дека објектот ќе привлекува по 1,2 милиони посетители годишно, но критичарите беа загрижени дека може да нанесе штета на дел од најпрепознатливите историски погледи на градот.

„Градоначалникот има бројни и сериозни загрижувања со апликацијата и по детално проучување ја одби дозволата за проектот за кој верува дека ќе има многу мал јавен придонес“, изјавил портпаролот на Кан, пренесува Гардијан.

„Поконкретно, тој верува дека дизајнот нема доволен квалитет за толку препознатлива локација и дека облакодерот ќе наштети на лондонското небо и ќе нанесе штета на погледот од соседната локација на Лондонската кула, која е светско културно наследство. Предложениот проект истовремено би резултирал со непријатен и лошо дизајниран јавен простор на улично ниво“, додал портпаролот.

Проектот за облакодерот, наречен „Лале“ поради изгледот кој потсетува на цветот, бил поднесен до властите на Лондон во ноември минатата година. Според плановите требало да почне да се гради следната година и да биде изграден до 2025.