Град во Шведска истури тон пилешки измет во парк за да избегне гужви

Шведскиот универзитетски град град Лунд истури еден тон пилешки измет во централниот парк, во обид да одврати околу 30.000 посетители за традиционалната прослава за одбележување на Валпургиската ноќ, пренесува „Гардијан“.

„Лунд може да стане епицентар на ширењето на коронавирусот на последната вечер од април, па така, мислам дека ова беше добра иницијатива“, смета Густав Лундблад, претседател на локалниот комитет за животна средина.

„Имаме можност да ги нахраниме тревниците, а истовремено ќе смрди и затоа можеби нема да биде толку убаво да се седне и да се пие пиво во паркот. Не сум експерт за ѓубриво, но, колку што разбирам, јасно е дека може да мириса и малку надвор од паркот. Ова е пилешки измет, на крајот на краиштата. Не можам да гарантирам дека во остатокот од градот нема да мириса. Но, поентата е да ги задржиме луѓето надвор од градскиот парк“, додава Лундблад.

Шведска се одлучи за полесен пристап во справувањето со Ковид-19, избегнувајќи ги строгите мерки за изолација прифатени од нејзините соседи и поголемиот дел од Европа, фаворизирајќи лична одговорност наместо драконско спроведување мерки.

Валпургиската ноќ се одбележува на 30 април низ централна и северна Европа со забави и логорски огани. Прославите се класифицираат како „спонтани“, па така не можат да бидат забранети од властите, но, за да се избегне ризикот од ширење на коронавирусот, многу места и градови во Шведска ги замолија граѓаните да ја избегнат традиционалната прослава годинава.

Шведска забрани собири на повеќе од 50 луѓе, но ги замоли граѓаните, наместо да им нареди, да одржуваат физичка дистанца, да избегнуваат несуштински патувања, да работат од дома и да останат дома ако се постари или болни. Продавниците, рестораните и вежбалните останаа отворени.