Град Скопје: За шест месеци превезени 22,6 милиони патници во ЈСП

Во првите шест месеци од 2018 година автобусите на ЈСП „Скопје“ превезле 22,6 милиони патници. Најголемиот дел од нив се возеле во март, а најмалку во јануари. На градските улици секојдневно сообраќале 277 возила на ЈСП, а 206 на приватните превозници.

Во споредба со истиот период лани, велат од Град Скопје, годинава е регистриран зголемен број на возила во дневен сообраќај за 0,5 отсто во просек дневно.

„Бројот на продадени персонализирани билети е зголемен за 2,6% во споредба со истиот период лани, односно продадени се речиси 20.000 билети повеќе. Значително е зголемувањето на продажбата на доплатни билети за возрасни, како и на годишните билети за градските линии. Токму посочените категории билети го сочинуваат и најголемиот број од продадени персонализирани билети“, посочуваат од Град Скопје.

Според властите, зголемен е и бројот на неперсонализирани билети за 25,9% или за речиси 825.000 билети.

„Статистиката на јавното претпријатие покажува дека значителен пораст во споредба со истиот период лани е забележан при плаќање на билет со мобилен телефон. Лани во периодот јануари/јуни биле платени 100.528 билети со мобилен телефон, а годинава во истиот период, дури 782.075 билети“, посочуваат од Градот.

Исто така, градските власти тврдат дека во првите шест месеци од годинава преземени се конкретни мерки за долгорочно задолжување на ЈСП кон меѓународна кредитна институција – во износ од 10 милиони евра за купување нови еколошки автобуси. Во зависност од понудената цена на понудувачите, очекуваат набавка на 30-40 возила на гас до идната пролет.

„Во посочениот период со жичницата се превезени 132.035 патници. Најголем дел билети биле продадени на возрасни лица (83.884), а значителен е и бројот на продадени групни билети (7.804-возрасни и 3.416-деца)“, велат од Градот.

Кон крајот на месец мај заврши договорот меѓу ЈСП Скопје и фирмата-мастер дилер за продажба на нивните услуги. ЈСП Скопје целосно ја презеде под своја надлежност дистрибуцијата на картичката „Скопска“. Оспособени за продажба и надополнување на „Скопска“ се 32 билетарници на ЈСП, како и деведесет локации од секундарната продажна мрежа (маркети, трафики), а според Градот нивниот број секојдневно расте.

Инаку, на почетокот на годинава на конференција беше речено дека автобускиот превоз во Скопје за 30 години изгубил две третини од патниците. Односно, во 1987 година се возеле околу 150 милиони, а сега само 50 милиони патници годишно. Професорот Никола Крстаноски потенцираше дека во главниот град не постои железнички превоз, само автобуси. Автобусите работат без да бидат приоритет. На улиците не се одвоени во посебни коловозни ленти, туку заглавени заедно со сите возила. Ова е реален дневен проблем. И мора да се реши.

„Дел од проблемот, според мое видување, е тоа што на одредени линии нема често автобуси. Многу рути се преклопуваат. Постои дел на градот со 14 рути, некаде со 9-10 рути. Исто така, ниска е брзината на патување, во просек со 19,4 километри на час низ целата градска мрежа“, нагласи Крстаноски.

Автобускиот превоз во Скопје за 30 години изгубил две третини од патниците