Град Скопје: Во 2017 година речиси трипати поголем буџет за животна средина

Советот на град Скопје во вторник (19.12.2018 година) ќе одржи седница на која треба да го усвои буџетот на Град Скопје за 2018-та година. Во предлог-буџетот, велат од Град Скопје, во секторот за заштита на животна средина се планирани 141 милиони денари, што според властите преставува речиси трипати повеќе од ребалансот на буџетот од 2017-та година, којшто за овој сектор предвидел само 48 милиони денари.

„За реализација на планираните проекти за заштита на животна средина во 2018-та година, со финансиска поддршка од Град Скопје, граѓаните ќе добијат 10 милиони денари субвенции при набавка на инвертери за затоплување, а приватните компании кои учествуваат во јавниот превоз на патници, ќе добојат субвенции во висина од 20 милиони денари со цел да се инсталираат уреди на гас и да се купат автобуси кои задоволуваат ЕУРО 5 И ЕУРО 6 стандард“, соопштуваат од Градот.

Покрај субвенциите од 20 милиони денари за ЈСП за бесплатен превоз во денови на алармантно загадување на воздухот, велaт од Градот, новитет во градскиот буџет е планираното субвенционирање од 100 милиони денари на ЈСП при набавка на зглобни електрични автобуси.

„За училиштата ќе се обезбедат 90 милиони денари за реконструкција на енергетско-ефикасни фасади, како и 12 милиони денари за опремување на училниците со прочистувачи на воздух. Во склоп со буџетот за 2018-та година, предвидени се и зелени проекти за кои ќе има 10 милиони денари за кофинансирање на изработка на зелени кровови со соодветни институции. Град Скопје продолжува и со мерката за субвенционирање при набавка на печки на пелети за што се наменети 15 милиони денари, а ќе бидат обезбедени и финансиски средства во висина од 1.6 милиони денари за обука на оџачари“, стои во соопштението од Град Скопје.

Според власите на Скопје, развојниот буџет предвидува и дополнителни проекти кои директно или индиректно влијаат во заштитата на животната средина, а се во делот на инфраструктурата што вклучува изградба, одржување и реконструкција на велосипедски патеки.

„Средствата се зголемени за трипати и изнесуваат 30 милиони денари, а граѓаните ќе добијат и дополнителни субвенции од 10 милиони денари при набавка на велосипеди“, тврдат од Град Скопје.