Град Скопје повикува граѓаните да пријавуваат паркирани возила врз зеленило

Градските власти на Скопје преку својот Инспекторат ги повикува граѓаните да ги пријавуваат несовесните возачи што паркираат на зелени површини, за да можат да излезат на терен и да ги санкционираат. Воедно упатуваат и апел до граѓаните да го чуваат јавното зеленило и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта низ градот.

Од таму информираат дека Инспекторите на Град Скопје во текот на изминатата недела при вршење редовни контроли санкционирале 72 граѓани што своите возила ги паркирале на зеленило.

„Непрописно паркираните возила од јавните зелени површини се отстранети со специјалните возила пајак“, соопштуваат од Градот.

Инспектори при контролите изрекле и 14 казни за паркирање на зелена површина, односно им оставиле белешки за парична казна по Законот за урбано зеленило.

„Градот Скопје го продолжува засилениот инспекциски надзор за да овозможи почитување на прописите, a Инспекторатот продолжува со засилени контроли на јавните површини. Неселективно ќе се санкционираат сите што не го почитуваат законот“, се вели во соопштението.