Град Скопје: Новиот Луна парк ќе функционира од почетокот на 2018, а може и порано ако се погоди времето

Градските власти од Скопје велат дека со капиталниот проект за изградба на нов забавен парк, кој почна да се реализира пред три месеци, скопјани по 44 години ќе добијат нов, модерен забавен парк.

Градоначалниот Коце Трајановски очекува забавниот парк да почне да функционира од почетокот на новата година, а може и порано доколку се поволни временските услови. Градот Скопје има распишано тендер  и има избрано изведувач, кој пред три месеци  почна да ги изведува градежните работи во паркот.

„Тоа значи подземна инсталација или инфраструктура, што подразбира фекална канализација, атмосферска канализација,  водоводна и електрична мрежа под земјата. Исто така, оваа градежна фирма којашто е избрана треба да направи партерно уредување на целиот парк, покрај тоа ќе ја изгради и влезно-излезна партија, објекти за администрацијата, тоалети и други придружни објекти, за што се издвоени околу 100 милиони денари и очекуваме сите овие работи да бидат завршени до крајот на оваа или почетокот на следната година“, рече градоначалникот кој денеска беше на увид на градежните работи.

Според него, некои реквизити се веќе во магацините на добавувачите и се чека потребната документација за нивна монтажа и, вели тој, бидејќи ова е прв забавен парк во Република Македонија со вакви реквизити, Градот е во консултации со Министерството за економија и инспекторати за да ги добијат сите потребни документи за нивна безбедност и функционирање.

„Вкупната инвестиција за реализација на овој проект, односно за градежните работи, набавката на реквизитите и нивното монтирање е околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра. Дополнително ќе се набавуваат реквизити и во следните години во рамките на овој износ од 6,5 милиони евра, односно  и во текот на 2018, 2019 година , а може и во текот на 2020 година“, истакна Трајановски.

За новиот забавен парк во се најавени вкупно 27 реквизити, од кои 3 адреналински, 6 семејни и 18 детски реквизити. Во паркот ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и други забавно-рекреативни содржини.

Тој треба да се протега на истата површина кај досегашниот Луна парк. Се појавија разни податоци, реакции и стравувања дека изградбата ќе биде на сметка на делови од Градски парк, а истовремено Градот тврдеше дека нема да се уништува зеленило.

Исто така, реакции се појавија и во однос на изгледот на новиот Луна парк. Особено што од визуелизациите што ги објави Градот може да се забележи дека капијата за влезот изгледа во антички стил и наликува на објектите од „Скопје 2014“.