Град Скопје го расчистува градежниот шут на „Скопје 2014“ од коритото на Вардар

Екипите на Град Скопје денеска во централното подрачјe започнаа акција за расчистување на насипите и градежниот материјал натрупан во коритото на реката Вардар.

Според градските власти, целта е да се намалиме  опасноста од излевање на реката при поголеми врнежи од дожд. Насипите и градежниот шут во Вардар ја намалуваат проточноста на водата, велат тие, а со тоа сериозно се зголемува ризикот од поплави.

„Од тие причини, овие неколку дена екипи на ЈП ‘Улици и патишта’ ќе работат на расчистување на теренот, а истовремено му е наложено на градежното претпријатие ‘Бетон’, како изведувач на објектот ‘Панорамско тркало’, да го среди своето градилиште и да овозможи максимална проточност на коритото во делот на тој пешачки мост. Дождовите ја открија опасноста по безбедноста на граѓаните, нивните имоти и објектите околу Вардар која е предизвикана од проектот ‘Скопје 2014’“, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.

Тој најави дека акцијата ќе трае се до целосно расчистување на коритото. Отстранетиот градежен материјал ќе се однесе во депото на ЈП „Улици и патишта“ во Железара.

„Безбедноста на граѓаните нема цена. Градот Скопје ќе направи се што е во рамките на неговата надлежност да ги заштити граѓаните од поплави и други несакани последици предизвикани од неквалитетниот проект ‘Скопје 2014’, додаде Шилегов.

Тој ги повика и сите релевантни институции, како што рече, да се вклучат во отстранувањето на штетните последици од овој проект, со цел да се спречат дополнителни трошоци и да се осигура безбедноста на граѓаните.

Според Градот, акцијата ќе се одвива во делот од коритото меѓу мостот „Гоце Делчев“ и Камениот мост, поточно, кај првата галија, каде што е најтесно грлото на реката и постои најголема можност водата да се излее.