Град Скопје: Автобуси на гас од идната година ќе ги заменат дотраените возила на ЈСП

Од идната година по скопските улици ќе се возат 30-ина нови нископодни автобуси на еколошко гориво и ќе ги заменат старите дотраени дизел возила на ЈСП без клима и дополнителна опрема, соопштија директорот на ЈСП Кристија Чушков и градоначалникот Петре Шилегов.

Целта на оваа набавка, како што велат, е Скопје да добие модерен јавен транспорт, кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот.

Шилегов соопшти дека е утврден начинот на финансирање за новите автобуси. На есен треба да се распише тендерот, а до крајот на годинава да се потпише договорот со фирмата што ќе ги испорача автобусите.

„ЈСП Скопје со цел набавка на нови еко-автобуси, донесе одлука за задолжување кон меѓународна кредитна институција во износ од 10 милиони евра, со каматна стапка од 1%, 3 години грејс период и 7 години отплата, без вклучен грејс период. Кон обезбедување на задолжувањето потребно е да се добие државна гаранција“, рече тој.

Од годинава почнаа да сообраќаат четири еко автобуси, од кои три на гас и еден електричен.

„Автобусите на гас се енергетско ефикасни. Споредено со потрошувачката на старите дизел- автобуси, овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП. Најголемата предност е тоа што емитуваат значително помалку ЦО2 што речиси воопшто  не го загадуваат воздухот“, додаде Шилегов.

Тој рече дека 202 автобуси, што беа набавени пред 7 години се со лош квалитет.

„…истите често се расипани, а во случајот со кинеските автобуси, поради непостоење на овластен застапник не постои можност за нивна сервисна и техничка поддршка“, рече скопскиот градоначалник.

Токму утрово се запали автобус на ЈСП, кој сообраќа на линијата 24. Пожарот се случил на последната станица во Кисела вода, а автобусот бил празен. Пред само десет дена, пак, се запали уште еден автобус на ЈСП, со број 2, кај трговскиот центар „Антико“ во Карпош 4.

Шилегов за време на прес-конференцијата рече дека во трансформацијата на јавниот превоз ќе бидат вклучени и приватните превозници, предвидени се субвенции за набавка на нови еколошки автобуси, како и за адаптација на истите на еколошки гас.