Говорот на Борјан Ефтимов, трето место на 20. Ораторска вечер „Иво Пухан“

На овогодинешната, 20-та Ораторска вечер „Иво Пухан“, одржана на Правниот факултет „Јустинијан Први“, првото место му припадна на Ѓорѓи Рајчиноски. Второнаграден е Нинослав Нанков, а трето место беше Борјан Ефтимов.

Откако ги објавивме прво и второнаградените говори на Рајчиноски и Нанков, во целост го споделуваме и говорот на Ефтимов:

„Животните побрзаа назад и погледаа низ прозорот. Внатре имаше жестока расправија, удирање по маса, остри и сомничави погледи и разлутени деманти.  Дванаесет гласа викаа разултено, и сите наликуваа еден на друг. Сега животните сфатија што се случува со лицата на свињите. Суштествата однадвор го менуваа својот изглед од свиња во човек, и од човек во свиња, и повторно од свиња во човек; и веќе не се знаеше кој е свиња, а кој човек.“

Истото што се случува на орвеловата животинска фарма, се случува и на нашата македонска. Политичките елити пред да се качат на толку посакуваниот трон, со нас чекорат на четири нозе, убедувајќи не дека тие ќе се изборат за подобро утре во кое сите ќе бидеме еднакви. За жал, во моментот кога ќе се стекнат со политичка власт, тие застануваат на две нозе, се селат во куќата на фармерот и ги менуваат правилата запишани на ѕидот. Исто како што свињите преку ноќ ги менуваа договорените правила, така и во нашиот „законодавен дом“ по предлог на извршната власт, во скратена постапка, без дебата и без било какви консултации со консултации со јавност, се штанцаат стотици закони.

Додека тие јадат и пијат на нашa сметка, нас не убедуваат дека се бориме за поголема цел. На животните заколнат непријател им беше клетиот предавник Сноубол, а во Македонија секојдневно не трујат со националистичка реторика, со двојазичност, федерализации и кантонизации, притоа дефокусирајќи не од суровата реалност, дека преживуваме со празен стомак во обична смрдлива штала, додека тие мирно боцкаат бифтеци смеејќи се на нашата наивност.

Се прашуваме кој е виновен за македонската ситуација? Па виновникот се крие во секој од нас. Од раѓање на тренираат да бидеме сервилни и конформисти… не учат наведната глава, сабја не сечела. Е од таков ментален склоп си патиме! Секој политичар доколку му дадеме апсолутна власт, ќе го зграпчи тоа што сме му го оставиле, и апсолутно ќе се корумпира.

Промената ќе дојде само доколку се исправиме и останеме на нозе колку и да болат ударите на бесните кучиња, тренирани да ја одбранат високата позиција на владеачката елита! Промената ќе дојде само со граѓанска активност и општонароден бунт против неправдата во сите пори на општеството, безразлика дали се работи за маалски паркчиња, универзитетот или највисоката државна власт.
Не смееме да им дозволиме повторно да се стекнат со апсолутна власт, ниту пак смееме да премолчиме кога ќе ги менуваат правилата запишани на ѕидот. Со тоа што сме граѓани на оваа држава, колку и да е е слабо поединечното влијани на нашиот глас врз јавните работи, имаме обврска будно да ја следиме работата на било која власт. А доколку власта ги пречекори нејзините граници, треба да знае дека ќе се стави во непријателска положба наспроти граѓаните, свесните граѓани кои не само што нема да премолчат, туку со сите сили ќе го возвратат ударот!

Во борбата за демократско утре нема повлекувања и компромиси! Притоа, треба да ни биде јасно дека тоа демократско утре не се само изборите кои ни се случуваат на секои 5 месеци, туку тоа е цел концепт на живот и односи на луѓето во општеството, односи во кои тие ќе можат непречено да ги остваруваат своите права и слободи, без освен, и без владеачка елита поеднаква од другите!
Доста ни беше од македонската фарма! Коцката е фрлена, граѓаните мораат да тргнат и во свои раце да го земат правдата и слободата!“.