„Господин Никој“ се кандидира за претседател на Хрватска, фокус му се младите

„Да ја ресетираме Хрватска“ е слоганот под кој имагинарниот лик што се нарекува „Господин Никој“ ќе се кандидира на претстојните претседателските избори. Преку својот Јутјуб канал, вчера се обрати пред јавноста споделувајќи дел од својата неофицијална програма која се фокусира на младите и нивните проблеми.

„Младите луѓе се единствената надеж за мене за спас на оваа земја. Ниту еден од претседателските кандидати не ги истакнува како примарна целна група, па решив да излезам во јавноста и да им испратам порака. Иако овластувањата на претседателот се ограничени, сметам дека, во денешните комуникациски канали, претседателот може и мора да изврши притисок врз Владата и Парламентот да ги спроведат мерките со цел, меѓу другото, спречување на демографски катаклизми“, вели „Господин Никој“.

Имагинарниот кандидат ги користи анкетите за да ја истакне бројката на граѓани кои не би гласале за ниту еден од официјалните претседателски кандидати. Според него, тоа го прави еден од најистакнатите политичари во Хрватска и со најголем број поддржувачи.

„Фактот што бев избран за најпозитивен политичар во изминатата година, и очигледно оваа година граѓаните ме гледаат во таа улога, претставува совршен пример за политичка апсурдност. Во земја со повеќе од 150 партии и 1000 политичари, граѓаните ме избраа како најпозитивен. Ова укажува дека на политичката сцена има нешто труло и дека се неопходни нови решенија и нови луѓе. Се надевам дека мојата програма и слоган ќе ги препознаат оние на кои им се наменети пораките и дека Хрватска ќе стане место вредно за живеење“, рече „Господин Никој“.

Главните проблеми на кои се фокусира тој се станбените прашања, даночните олеснувања за претприемачите, дигитализација на бирократскиот систем, образованието и просперитетот.

За себе вели дека е гејмер, алпинист и промотор на идејата за паметни градови. Роден во Нин, оженет и со син, поседува компанија за развој на софтвер во Задар. Вели дека е еколошки освестен и има апликација преку која граѓани може да фотографираат диви депонии кои се испраќаат до институциите.

„Господин Никој“ ја повика јавноста да се придружи со нивни коментари за подобра Хрватска.