„Господ постои, името ѝ е Петрунија” доби награда за човекови права на Советот на Европа

Филмот „Господ постои, името и’ е Петрунија” на Теона Стругар Митевска ја доби наградата „Одисеј“ за човекови права на Советот на Европа.

Жирито на настанот „Европски кино ѕвезди и платно“, составено од 10 амбасадори во Советот на Европа, заменик – генералниот секретар на Советот на Европа, директорот на кабинетот на генералниот секретар на Советот на Европа и извршниот директор на „Еуроимажс“ – Роберто Ола, ја додели наградата на македонскиот филм „Господ постои, името  ѝ е Петрунија”, нарекувајќи го величенствен филм. Доделувањето на престижната награда од страна на Европскиот парламент ќе му биде доделена на победничкиот филм на 27 ноември во Стразбург.

Оваа награда, Советот на Европа ја доделува веќе 19 години по ред во две категории, за особена уметничка креација и за човекови права. Минатогодишниот добитник за уметничка креација беше турскиот режисер Нури Билге Чејлан за филмот „Дивата Круша”, а оваа година оваа награда ја доби Павел Павликовски за неговиот филм „Студена војна“.

„..Петрунија“ успешно беше прикажан во Шпанија на Севиља Филмскиот Фестивал, а при крајот на годината трга во редовна кино дистрибуција во во оваа земја.

Филмот ќе се прикажува во повеќе земји и филмски фестивали низ светот, односно во Тајван, Љубљана, Израел, Србија, Холандија, Германија, Индија, Швајцарија и Египет.

Како еден од трите финалисти за наградата „Lux“ од Европскиот парламент,  во месец ноември „…Петрунија“ ќе биде прикажан во 46 кино сали во сите 28 Европски земји, а како дел од трите финалисти, филмот беше преведен на сите 24 јазици кои се зборуваат во Европа.

Во тек се промотивните претпремиери низ цела Германија, а на 16 ноември започнува дистрибуцијата на „…Петрунија“ во 50 киносали низ целата земја. Во ноември започнува кино прикажувањето исто така и во Романија и Србија.