Гореше двокатен автобус на ЈСП, претпријатието вели дека нема повредени

Во близината на Општина Ѓорче Петров, утрово избувна пожар на автобусот „5“ на ЈСП „Скопје“, кој сообраќа на линијата Дексион – Ново Лисиче.

Автобусот кој гореше веднаш се прошири преку видео по социјалните мрежи, преку групата Ѕид на сообраќајниот срам.

Од ЈСП велат дека нема повредени, а причинета е само материјална штета.

„Пожарот, чии причини се утврдуваат, е изгаснат во брзо време, благодарение на брзата интервенција на екипата на Противпожарната бригада. Внатрешната контрола на ЈСП Скопје веднаш излезе на терен и се утврдуваат причините на пожарот. Возачот на автобусот изјавил дека за време на возењето забележал чад од горниот кат на возилото, застанал и со ПП апарати се обидел да го изгасне. Во меѓувреме забележал и искрење и повикал на помош екипа на Противпожарната бригада. Пожарот бил изгаснат во најбрз можен рок“, соопштува ЈСП.

Од таму потврдуваат дека во моментов на терен врши увид и екипа на МВР.