Горазд Росоклија избран за претседател на Одборот за акредитација на високото образование

Академскиот професор д-р Горазд Росоклија е новиот претседател на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, под чија надлежност е обезбедувањето и оценувањето на квалитетот на високото образование во Република Македонија, соопшти Министерството за образование и наука.

Новиот состав на Одборот брои 23 члена, од кои девет од редот на професорите избрани од Интеруниверзитетската конференција, соодветно на застапеноста на универзитетите според нивното учество во вкупниот број на прв пат запишани студенти во студиска година, два члена од Македонската академија на науките и уметностите, еден претставник на најрепрезентативното тело на работодавачите, два членa од интеруниверзитскиот парламент на студентите и девет члена именувани од Владата на Република Македонија, од кои најмалку шест се од редот на професорите на високообразовните установи.

„Одборот е самостоен во својата работа и во рамките на својата надлежност врз основа на принципот на стручност и компетентност тие имаат должност да утврдуваат дали со проектот за основање на високообразовна установа и поднесената документација се исполнети условите за вршење на високообразовна дејност; одлучува за акредитација на научна установа која сака да врши високообразовна дејност на студии од втор и трет циклус на студии; утврдува дали високообразовната установа ги исполнува условите за организирање на студии за нови студиски програми и го утврдува капацитетот за студирање на високообразовната установа; дава акредитација на студиски програми; најмногу на секои пет години го следи и оценува квалитетот на вршењето на високообразовната дејност, научноистражувачката, уметничката и стручната работа, на академскиот кадар и на студиските програми на високообразовните установи и врз основа на оценката ја продолжува или одзема акредитацијата; врз основа на извештаите од надворешната евалуација на високообразовните установи, ја следи исполнетоста на условите на високообразовните установи на кои им е дадена акредитација и одобрение за почеток со работа и врз основа на тоа може да ја одземе акредитацијата; води евиденција за акредитираните високообразовни установи и за други акредитации; дава препораки потребни за подобрување на нормативите и стандардите за вршење на високообразовна дејност и врши други работи утврдени согласно Законот за високото образование“, стои во соопштението на МОН.

Росоклија работи во областа на невропатологијата и невроимунологијата. Тој минатата година го поддржа предлогот на Министерството за образование и наука да се воведе државниот испит, за кој рече дека е неопходен.