Голем успех на две млади пијанистки од Македонија

На меѓународниот натпревар за пијано – четири раце кој се одржа неодамна во монденскиот град Монте Карло, пијанистките Јована Трајчева и Инес Неделковска од класата на доцент  Нина Костова го освоија второто место. Првата награда на натпреварот, не беше доделена, па оттука македонските пијанистки се здобија со највисокото признание. Од вкупно седум категории, тие се натпреваруваа во „супериор категоријата“ каде што Инес Неделковска беше најмлад учесник и со само 10 години се натпреваруваше на исто ниво со останатите пијанисти двојно постари од неа.

Голем успех на младите пијанистки од Македонија

„Ние ги изведовме делата од В.А.Моцарт, Г. Гершвин и С.Прокофиев. Уживав во соработката со Инес и ме инспирираше нејзината желба за музицирање. Со оглед на нејзината возраст нејзиниот пристап и свирење беа навистина професионални“, вели Јована за својата помлада колешка.

На овој реномиран меѓународен натпревар учество земаа над 100 учесници од многу земји ширум светот како Франција, Италија, Русија, Јапонија, Република Чешка, Романија итн. Интернационалното жири беше составено од 7 члена.

Голем успех на младите пијанистки од Македонија„Јас бев многу возбудена за овој натпревар затоа што за прв пат свирам пијано – четири раце, но и затоа што свирев со Јована која е многу поискусна пијанистка од мене, со многу успеси зад себе. Чувствував огромна одговорност заради довербата што ми беше дадена од страна на моите професори, доц. Нина Костова и проф. Романова, па затоа работев напорно и секојдневно вежбав по неколку часа“, вели Инес и додава дека овој успех за неа значи уште повеќе вежбање и поголема посветеност кон музиката.

Јована Трајчева е студент од трета година на факултетот за Музичка Уметност во Скопје и добитник на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари. Инес Неделковска пак е петто одделение во ОУ „Лазо Ангеловски” и ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј ” и годинава два пати настапи како солист со оркестарот на Македонската Филхармонија.

Двете млади пијанистки се во класата на Нина Костова – Јаневска – доцент на ФМУ Скопје а под менторство на истакнатиот педагог проф. Људмила Романова.