Голем пад на цената на Биткоинот по хакерски напад на берза за криптовалути

Биткоинот и другите виртуелни валути нагло изгубија вредност откако јужнокорејската берза за криптовалути „Коинреил“ (Coinrail) викендов била под хакерски напад.

„Коинреил“ на Твитер го потврди сајбер-нападот по кој цената на Биткоинот паднала за 10% во текот на вчерашниот ден, достигајќи најниска вредност во последните 2 месеци, пренесува Гардијан.

Најпознатата светска криптовалута изгубила 500 долари од својата вредност за само еден час, паѓајќи на 6.627 долари на луксембуршката берза „Битстамп“, додека и повеќето други дигитални валути изгубиле голем дел од нивната вредност.

Последниот напад е уште една потврда за недостатокот на безбедност и слабата регулација на глобалниот пазар на криптовалути.

„Коинреил“ во соопштение до јавноста објасниле дека нивниот веб-сајт и нивните системи биле погодени од „сајбер-упад“ во неделата по кој биле изгубени 30% од валутите кои биле тргувани на берзата. Тие не потврдиле за колкава сума станува збор, но локалната новинска агенција Јонхап проценува дека се работи за кражба на околу 37 милиони долари во криптовалути. Полицијата започнала истрага на случајот.

Биткоинот во моментов вреди 6.752 долари, што е далеку под највисоката вредност од скоро 20.000 долари која беше достигната на крајот на минатата година.

Јужна Кореја е еден од најголемите трговски центри за криптовалути, а токму во оваа држава е седиштето на една од најголемите берзи за виртуелните монети во светот – „Битхамб“ (Bithumb).