Годишна изложба на ДЛУМ во Мала станица

Друштвото на ликовни уметници на Македонија вечерва со почеток во 19 часот ја отвора Годишната изложба на своите членови во Националната галерија, објект Мала станица, која ќе биде достапна до 30 октомври.

Оваа година, на изложбата учествуваа 57 автори кои ќе се претстават во категориите сликарство, скулптура, графика и нови медиуми.

„Несомнено дека годишните или ревијалните изложби на македонските ликовни уметници отсекогаш претставува голем културен настан во нашата средина. Затоа тие изложби се значајна состојка од летописот на нашата ликовна уметност. Еден аргумент е непобитен: дека нема македонски ликовен уметник кој не учествувал на тие ревијални изложби, почнувајќи од првата таква изложба во далечната 1945 година, па се до денес. Друштвото за да ја задоволи желбата на сите членови еднаш годишно да ги изложат своите дела на заеднички настап, без критериумот на селективност ја организира оваа ревијална изложба. Впрочем, на тој начин се враќа една убава пракса, кога секој уметник, член на ДЛУМ всушност станува арбитар за себеси, а истовремено ја превзема и целата одговорност и ризик на излагањето. Тоа секако ја зголемува самокритичноста, таа врвна доблест на старите мајстори“, велат од ДЛУМ.

Друштвото додели неколку награди – награда за сликарство на Мирослава Микица Трујкановиќ за делото со наслов „Молитвеник за сите“, награда за скулптура на Слободан Милошески за делото со наслов „Запознавајќи се себеси“ и награда за нови медиуми на Ана Ивановска за делото со наслов „Без здив“.

Изложбата е финасирана од Министерство за култура и Град Скопје и се организира во соработка со Национална галерија.