Училишните екскурзии оваа година не може да се организираат, но според упатставата од Бирото за развој на образованието (БРО) ќе може да се прават заеднички прошетки на учениците и наставниците до пет километри, за да може да има и социјализација, изјави денеска министерката за образование Мила Царовска, одговарајќи на новинарско прашање.
Во однос на тоа што се случувало минатата година, и зошто агенциите не ги вратиле уплатените пари за екскурзиите, Царовска посочи дека Министерството за економија имало препораки да се дадат ваучери кои ќе може да се користат во наредниот период, додавајќи дека тоа сигурно се случило.
„Повикувам, директорите на училиштата кои се одговорни за организација на ексурзиите, да ги викнат родителите и да најдат заеднички јазик, на кој начин тие пари кои што биле од минатата година, ќе им се вратат. Но, оваа година екскурзии не се дозволени“, додаде Царовска.
Министерката најави дека постои можност наставниците кои држат онлајн настава во училниците, наставата да продолжат да ја спроведуваат од дома, поради тоа што, како што посочи, нема потреба од расфрлање со финансии.
„Но, тоа го носиме заеднички со градоначалниците, заради тоа што имаме наставници кои одат со физичко присуство, заради тоа што комисијата тоа го дозволила, и ќе оставиме на ниво на колектив, на кој начин понатаму, согласно грејната сезона ќе се одвива наставата во училиштата, и мислам дека тоа ќе биде најправедниот модел, но кој ќе го донесеме, ќе биде известена и јавноста“, изјави Царовска.
„Разговараме дека со рационализација на средства, можеме да постигнеме повеќе инвестиции во инфраструктура, во ИТ опрема, наместо да ги расфрламе финансиските средства само за загревање на цела училница за еден наставник, но тоа се процеси на дискутирање“, додаде таа.
Учебната година, поради пандемијата, за првпат оваа година започна подоцна од вообичаеното, односно, на 1 октомври. Со физичко присуство, наставата ја следат учениците од прво до трето одделение, како и ученици во училишта за кои владина комисија даде „зелено светло“ дека има услови за одржување на ваков тип настава. Сите останати, наставата ја следат онлајн, преку Националната платформа за онлајн учење.