Глобалното затоплување ќе предизвика повеќе смртни случаи од сите заразни болести, покажува нова студија

Нова студија објавена од Националното биро за економски истражувања покажа дека до крајот на векот, бројот на смртни случаи поврзани со глобалното затоплување ќе им конкурираат на смртните случаи предизвикани од сите заразни болести.

Студијата проценува дека високи, неконтролирани стапки на емисија на стакленички гасови ќе ги зголемат глобалните статистики на смртност на 73 смртни случаи на 100.000 луѓе. Овој број е висок колку и оној на смртните случаи предизвикани од сите заразни болести, вклучувајќи ХИВ / СИДА, маларија, туберкулоза.

Истражувањето се фокусираше на глобалните извештаи за смртност и температурите. Податоците покажуваат врски помеѓу зголеменото глобално затоплување и некои смртни случаи. На пример, студијата открила наплив на срцеви удари при топлотни бранови.

Студијата исто така дискутира за тоа како глобалните здравствени ризици поврзани со затоплувањето најмногу ќе влијаат врз сиромашните заедници во потоплите региони во светот. Земјите во тропските предели како Гана, Бангладеш, Судан и Пакистан, веќе се соочуваат со дополнителни 200 смртни случаи на 100.000 луѓе. Спротивно на тоа, земји како Канада и Норвешка доживуваат пониски стапки на смртност како резултат на поладни температури. Ова значи дека побогатите земји може да искусат помалку од ефектите на глобалното затоплување и покрај тоа што најмногу придонеле за емисиите на стакленички гасови.

Сепак, дури и за општо постудените, побогати нации, ефектите од климатските промени се поблиски отколку што изгледаат. Во последниве години, топлотните бранови погодија делови од САД, Европа и Арктикот. Проценките предвидуваат дека 2020 година може да биде најжешката година во документираната светска историја, потенцијално предизвикувајќи повеќе смртни случаи отколку претходните години.

Извор: Inhabitat