Global Game Jam – гејмерски маратон во Скопје и Битола

Интернационалниот настан за креирање на дигитални игри „Global Game Jam“, со почеток од утре до 25-ти јануари 2015 година ќе се одвива на две локации и тоа во просториите на Seavus – едукативниот и развоен центар во Скопје и во Бизнис академија Смилевски во Битола.

Ова е најголемиот интернационален настан за креирање на дигитални игри кој се одржува еднаш годишно, истовремено на голем број локации низ целиот свет во вид на 48 часовен маратон. Како дел од International Game Developers Association (IGDA) неговата цел е да ги обедини сите кои креираат или имаат желба да креираат игри и да поттикне креативност, соработка и експериментирање.

Секој регистриран учесник ќе може да учествува во тим кој изработува игра. На крајот, секој тим кој ќе презентира пред публиката ќе има шанса да добие некоја од наградите.

Global Game Jam Македонија е во организација на Македонската асоцијација за развивање на игри МАГДА. Во 2014 година Global Game Jam се одржа на 485 локации во 73 земји и беа создадени преку 4200 игри. Македонија досега учествуваше на Global Game Jam во 2013 и 2014 година и на настаните се направени 52 игри кои се достапни на интернет.