„Гласни идеи“ против скапа струја и социјална неправда

Најавата за поскапување на струјата донесе протести низ повеќе македонски градови. Револтот се излева по улиците секој петок. Меѓу демонстрантите во Скопје се и активистите поврзани преку социјалниот центар „Дуња“ и Социјалистичка зора, сега здружени и преку подкаст-платформата „Гласни идеи“

Џејлан Велиу е дел од таа дружина. Велиу е активистка во областа на работничките права и класната борба, но тоа не го исклучува нејзинот активизам и на други полиња. Смета дека активизмот треба да донесе подобар и похуман свет, односно подобра иднина.

Велиу раскажува дека мерките против корона-вирусот донесоа забрани, а тоа донесе времено разбивање на сето она што подразбира активизмот, од теоретски дискусии и трибини, па до неможност за теренски активности и протести. Оттука, другари што беа активни преку разни иницијативи и протести, сега повторно се ангажираат за социјални и еманципаторски прашања. Делуваат и преку „Гласни идеи“. Уште во март – направија и петиција за воведување евтина тарифа на струја во текот на целото деноноќие.

„Не можевме да прифатиме нашата политичка активност да замре, особено не во период кога пандемијата најави испуштање работници од работни места и воопшто социјална несигурност и сиромаштија. Така, подкастот ‘Гласни идеи’ и протестите против поскапувањето на струјата, како идеја датираат од втората половина на месец март. Ние со другарите креиравме петиција, која, без да ја спонзорираме, единствено преку лични профили, во рок од 48 часа стана вирална и ја потпишаа некаде околу 40.000 граѓани“, потенцира активистката.

Од Владата не добиле никаков одговор. Напротив, вели Велиу, волјата на 40.000 граѓани поминала само со една изјава на претседателот на Регулаторна комисија – дека тоа не е возможно. Револтот потоа се разгори кога беше најавено покачување на струјата за 7,4%.

Џејлан Велиу

„Значи, додека баравме укинување на скапата тарифа за време на кризната состојба која настана поради пандемијата, капиталистите преку нивната Регулаторна комисија без трошка срам одлучија да ја покачат цената на електричната енергија, и тоа во услови на намалени плати и зголемена невработеност“, потенцира Велиу.

Одлуката одекна во јавноста. Протести во Скопје стартуваа група граѓани од Чаир, а „Гласни идеи“ активно учествуваат и помагаат на разни начини. Изминатава година организираа и теренска акција, за Денот на трудот. Не прифаќаа да останат тој ден дома, да остане денот незабележан, а имале и дополнителни мали акции.

Нашите барања: Регулаторна комисија за енергетика веднаш да ја поништи одлуката за покачување на електрична енергија од 7,4%, и потоа да ја намали цената за 46%. Второто барање е Владата да го намали ДДВ-то од 18% на 5%. Понатаму, третото барање е Собранието да ја укине Регулаторна комисија за енергетика, затоа што овој орган им служи само на големите апетити на бизнис групите, а во исто време штети на граѓаните. И, четвртото барање – Собранието да формира независно тело, кое ќе има мисија да ги верификува услугите на енергетските компании кон граѓаните, да ги истражува и разгледува сите жалби и поплаки на граѓаните кон овие компании, потенцира Велиу.

Во однос на протестите, вели дека тоа се маршеви каде се групираат луѓе. Меѓутоа, потенцира Велиу – „или сите ќе умреме од корона, или ќе умреме од сиромаштија“. Односно, имаат две опции, или да седат дома и да прифаќаат се’ што им се нуди, а се одразува врз нивните џебови и животи, или да излезат надвор и да се заразат од корона.

„Нормално, ова го кажувам фигуративно. Народски кажано ‘кога ќе дојде нож до коска“ – никој не мисли на тоа дали ќе се зарази или не, туку гледа дали до утредента или крајот на месецот ќе има што да јаде, како да се прехрани. Затоа сметаме дека протестите се потребни, нормално со запазување на сите мерки за носење маска и одржување дистанца. Помалиот број на протестирачи, на демонстранти го должам баш на тоа. Дека се случуваат сепак во време на епидемија. Но, повторно ме охрабрува фактот што има луѓе што секоја недела излегуваат да простестираат, без разлика на епидемијата“, нагласува активистката.

Велиу смета дека е тешко, но ќе продолжат. Протестите се одвиваат секоја недела, обично во петок. И тоа во различни облици, некогаш во форма на блокада, некогаш како маршеви.

И за 25 септември беше планирана блокада на две раскрсници, меѓутоа, вели Велиу, полицијата не дозволи да се пријави протестот, со аргумент дека доаѓала странска делегација. Истиот тој ден беше планиран и протест за Глобалниот ден за климатска акција, собир кој беше дислоциран спроти Владата.

„И сега, јас се прашувам – дали сме толку опасни, па да им наштетиме на странската делегација и затоа не ни дозволуваат да протестираме, или пак, од друга страна, власта се срами од незадоволството на народот? Јас мислам дека е второто. Бидејќи, демократско право е преку протест да си го искажеш своето мислење, за власта да дозволи во одреден ден, на одредено место и одреден термин – ние да протестираме“, констатира Велиу.

Бојан Шашевски

*Првична верзија од темата беше објавена во подкастот Мегафон