Германските вооружени сили имаат три години да набават опрема за справување со евентуален руски напад врз територијата на НАТО, изјави раководителката на воените набавки, пренесува Ал Џазира Балканс.
Одбраната стана приоритет на политичката агенда откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во 2022 година, а неодамна САД ги охрабруваат членките на НАТО да ги зголемат своите обврски.
„Сè што е потребно за целосна одбранбена подготвеност на земјата мора да се набави до 2028 година“, изјави Анет Ленигк-Емден, раководителка на Федералната канцеларија за воени набавки.
Началникот на армијата, генерал Карстен Бројер, неодамна предупреди дека Русија би можела да биде во позиција да „започне напад од големи размери врз територијата на НАТО“ во 2029 година.
Тој рече дека Русија складира муниција и тенкови за евентуален напад врз балтичките членки на НАТО.
Ленигк-Емден нагласи дека новата влада на канцеларот Фридрих Мерц овозможува надградба со издвојување стотици милијарди евра за одбрана. Таа рече дека приоритет ќе биде тешката опрема како противвоздушните тенкови „Скајренџер“. Мерц го направи вооружувањето приоритет на неговата коалициска влада за да ја направи најмоќната конвенционална армија во Европа.
Преоружувањето веќе започна под претходната влада на Олаф Шолц откако Русија започна војна во Украина.
Американскиот претседател Доналд Трамп дополнително ја подигна тензијата оваа година повикувајќи ги членките на НАТО да ги зголемат своите воени трошоци на пет проценти од БДП од сегашното ниво од два проценти.
Министерот за одбрана Борис Писториус во четврток изјави дека во наредните години ќе бидат потребни од 50.000 до 60.000 нови војници за да се задоволат зголемените воени потреби на НАТО.
Минатата година, армијата имаше повеќе од 180.000 членови и постави цел да надмине 203.000 до 2031 година.