Гардијан: Кинеските гранични власти инсталираат тајни апликации за следење на телефоните на туристите

Кинеската гранична полиција тајно инсталирала апликации за следење на телефоните на посетителите и ги преземаат личните информации како дел од интензивната владина контрола во регионот Синкјанг, открива „Гардијан“.

Кинеската влада ја ограничи слободата на локалното муслиманско население во покраината, инсталирајќи камери за препознавање на лицата по улиците и џамиите, и наводно ги принудуваат жителите да преземат софтвер кој ги пребарува нивните телефони.

Истрагата на „Гардијан“ и меѓународните партнери открива дека туристите се на мета кога се обидуваат да влезат во регионот од соседниот регион Киргистан.

Граничните чувари ги одземаат нивните телефони и тајно инсталираат апликација која ги извлекува мејловите, пораките и контактите, како и информации за самиот телефон.

Туристите велат дека не биле однапред предупредени од властите или им било кажано што бара софтверот од нив, како и тоа дека нивните информации се преземаат.

Един Омановиќ од организацијата Privacy International, наводите ги опиша како „многу алармантни за држава каде преземањето на погрешна апликација или новинска статија може да те одведат во притвор“.

Сепак, тајната апликација, исто така пребарува информации и за голем број други материјали – од постот за време на Рамадан до литературата на Далај Лама, како и за музиката на јапонскиот метал бенд Unholy Grave.

На листата се наоѓа и прирачникот за самопомош на американскиот автор Роберт Грин наречен „33 стратегии за војната“.

Регионот го посетуваат околу 100 милиони луѓе годишно, според кинеските власти.

Постојат неколку фази за премин, а во едната фаза, патниците ги отклучуваат своите телефони и ги предаваат заедно со останатите уреди, како камери и слично. Уредите потоа се носат во посебна соба и се враќаат на туристите подоцна.

Ајфоните се вклучуваат во читачи кои ги скенираат податоците, додека во андроидите се инсталира апликацијата за да се направи истата работа. Се чини дека во повеќето случаи апликацијата се брише пред да се врати на туристите, но некои туристи сепак ја наоѓаат на нивните телефони. Не е јасно каде одат извлечените податоци и колку време се чуваат.

Нема докази дека податоците се користат за следење на луѓето во нивните понатамошни патувања.

Апликацијата се појавува со стандардната Андроид икона и со зборовите 蜂采 (Fēng cǎi); термин кој нема соодветен превод на англиски, но се однесува на пчели кои собираат мед.

„Гардијан“ разговараше со патник кој поседувал телефон со Андроид систем, а ја преминал границата во регионот оваа година. Патникот бил вознемирен кога ја видел апликацијата инсталирана на неговиот телефон.

Тој вели дека од него било побарано да го предаде телефонот на контролниот пункт, и дека телефонот потоа бил однесен во посебна соба. Нему и на останатите патници на контролниот пункт им биле побарани лозинките на телефоните, а чекале еден час за да им ги вратат нивните телефони.

Во ниеден момент не им било кажано што се правело со нивните телефони.