Со енергична и весела атмосфера и разигран подиум до раните утрински часови заврши 16. издание на фестивалот „Таксират“. Како што соопштија организаторите, годинава „Таксират“ собра околу 6.000 посетители кои ја следеа музичката програма составена осум изведувачи, меѓу кои и легендарните музички имиња кои за прв пат гостуваат во Македонија. Фестивалот ја продолжи својата традиција на разноликост во музичките жанрови почнувајќи со рок, панк и реге завршувајќи со електронска музика.
Сцената ја загреаa словенечкиот бенд „Vydrapena buzurika punk system“, GBH од Велика Британија, по што настапи и македонскиот реге бенд „Conquering lion“ кој освен одличната музика ги повика присутните да му дадат поддршка на Студентскиот марш најавен за во среда.
Очекувањата на посетителите ги исполни и настапот на култната електро-поп група „Денис & Денис“. Повозрасната, но и помладата публиката се врати триесетина години наназад пеејќи ги хитовите од поранешна Југославија. Пејачката Марина Перазиќ заедно со публиката ги пееше хитовите како „Колачиче“, „Соба 23“ и „Програм твог комјутера“.
Тука беа и секогаш оригиналните хрвати „ЛЕТ 3“ кои го привлекоа вниманието на речиси исполнетата „Метрополис Арена“ со својот единствен музички израз и секако, со провокативниот перформанс. Првото претставување пред македонската публика на врвниот трип-хоп уметник „Tricky“ пак, донесе уникатна енергија и го потврди статусот на андерграунд легенда на светската музичка сцена, а кон крајот на настапот беше повикана и дел од публиката да се придружи на сцената.
Расположените и сценски атрактивни Bad Copy, веќе добро познати на македонската публика ги размрдаа присутните, а вечерта заврши со електронските звуци на холандскиот диџер Сандер ван Дор кога публиката беше најразиграна и остана на подиумот до раните утрински часови.