[Галерија] Студентите од понеделник се враќаат во студентските домови под посебни протоколи

Министерката за образование и наука Мила Царовска и директорот на Државниот студентски центар –Скопје, Дарио Николовски денес го посетија студентскиот дом „Кузман Јосифовски –Питу“ во Скопје каде од понеделник ќе почне вселувањето на студентите. Освен во овој студентски дом студентите под посебни Ковид протоколи ќе се сместуваат и во останатите шест студентски домови во Скопје.

„На нас ни е важно да обезбедиме сместување за учениците и студентите коишто ќе имаат комбинирана настава, или физичко присуство во училиштата и на факултетите. За студентските домови во Скопје капацитетот по протокол е 2.080 легла, вкупно примени се 1.614 студенти, што значи дека имаме можност да се примаат дополнителни. Да не заборавиме дека имаме сега и резервна листа, ова го кажувам за да нема забуна кај студентите. Ако некој факултет ја промени одлуката и место онлајн одлучи да држи настава со физичко присуство, оставаме можност да ги примиме студентите на места коишто ги добиле во домовите затоа што ги исполнуваат критериумите“, рече Царовска.

Министерката посочи дека согласно критериумите коишто беа објавени во училишните домови се примија 1.193 ученици. Согласно новите протоколи има отворени места за 1.058 ученици. Вишокот од 135 ученици за Скопје се распоредени во студентскиот дом „Сениќ“, а 73 ученици кои се од Битола и Струмица, исто така, ќе добијат можност да патуваат до своите места, или да се сместат согласно новите законски измени коишто се во Собраниетo.

Министерката ги повика студентите до 10 октомври да се пријавуваат на отворениот повик за доделување на еднократна финансиска поддршка за плаќање на дел од партиципацијата во трошоците за студирање, дел од трошоците за сместување во студентски дом, односно на трошоците за приватно сместување. Овој надоместок е предвиден со третиот сет економски мерки. Право да аплицираат за една од понудените опции имаат сите студенти чие образование се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија, а се дел од семејни домаќинства со низок доход. Износот на еднократниот финансиски надомест изнесува до 6.000 денари, а пријавувањето е на www.digitalizirajse.mon.gov.mk, каде се одбира и начинот на кој ќе бидат доставени потребните документи и формулари.

Николовски, истакна дека студентските домови се подготвени да отворат во услови на пандемија.

„Очекувам поддршка и почитување на протоколите од страна на студентите, бидејќи се работи за заедничкото здравје на сите нас. Според протоколите во секоја соба во којашто има две легла ќе се сместува само по едно лице, а во собите со повеќе легла максимум до две лица. Исто така, мензите ќе работат под посебни протоколи, односно масите ќе бидат поставени на соодветно растојание и ќе биде дозволено седење на најмногу две лица на маса“, рече Николовски

Директорот истакна дека е обезбедена донација од компанијата „Алкалоид“ во вредност од околу 5 милиони денари за сите студентски и училишни домови во државата, и со овие средства за дезинфекција се покрива скоро целата година.

Фотографии: МОН