[Галерија] „Собранието го направивте пазар“ – Протест против промена на името

Неколку стотина граѓани се собраа на протест против промена на државното име пред Собранието во кое требаше да започне седницата на која треба да се расправа за последната фаза на предложените уставни промени.

Со македонски знамиња, патриотски песни, транспаренти и дел облечени во жолти елеци граѓаните ја исвиркуваа власта, а организаторите побараа нивни претставници да бидат пуштени во Собранието за да им ги пренесат своите ставови на пратениците.

„Посакувам да му се дозволи на македонскиот народ сам да го креира својот живот во општеството. А оние кои треба да му бидат слуги на народот, денеска собранието го претворија во пазар“, рече Виолета Петковска од импровизираната говорница.

„Во светот има сè и сешто, но земјите од Европската Унија не ни го даваат тоа. Нè блокираат. Овде сум шест недели, се вратив од Германија каде живеам повеќе од 20 години, сакам да ви се вроди желба Македонија да си ја сочуваме. Си ја сакам земјата и ја чувам и бранам сувереноста, интегритетот, независноста и унитарноста и слободата на Македонија“, рече Јован Коцев.

Протестот, кој се одвива под големо полициско обезбедување, го организираат здруженијата „Македонија блокира“ и „Тврдокорни“. Граѓаните испратија и јавен повик до претседателот Ѓорге Иванов да им се придружи и да се обрати на протестот.

Во меѓувреме собраниската седница, која требаше да почне напладне, е одложена за 16 часот, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ излегоа од Собранието и се приклучија на протестот.

Даниел Евросимоски