[Галерија] Отворена изложбата „Ѕидови за вас прекрасни луѓе“ во Монтажната галерија

Во Мобилната/Монтажна галерија во Паркот на Франкофонијата вчера беше отворена изложбата „Ѕидови за вас прекрасни луѓе“ со фотографии на Роберт Јанкулоски.

Според авторот, насловот на проектот „Ѕидови за вас прекрасни луѓе“ претставува цитат „позајмен“ од еден графит што беше напишан на фасадата на Архитектонскиот факултет во Скопје кон крајот на деведесеттите години на минатиот век.

„Тој период беше актуелна ‘ѕидната/уличната’ комуникација, особено кај младите коишто на тој начин ги коментираа актуелните настани. Во мојата архива се наоѓаат повеќе од 1.100 негативи коишто досега не се изложени. Графитите активно ги снимав во период од пет години (1995-2000) на црно бел филм со панорамски фотоапарат. Фотографиите се снимени во документарен стил и во манир на т.н. ‘улична фотографија’“, вели Јанкуловски.

Во однос на самите текстови, потенцира тој, тие се само дел од фотографијата иако на некои од нив доминира текстот кој е искористен како дел од фотографската композиција.

„Градот Скопје го користам како инспирација или како подлога во повеќе мои проекти како што се ‘Си ју Си ми, 1998-2001’ и последниот мој проект Инстант семејства – мултипликација на љубовта, 2017“, соопшти Јанкуловски.

Инаку, црно-белите фотографии од деведесеттите години се отпечатени на метални плочи, а неколку фотографии снимени минатата година се отпечатени во боја на хартија.

Роберт Јанкуловски е основач на Македонскиот центар за фотографија. Во моментов е професор и декан на Факултетот за филмски уметности на Универзитетот за аудиовизуелни уметности – ЕФТА Париз-Скопје-Њујорк во Скопје.