[Галерија] „Не се одрекувам“ – Парада на гордоста во Белград

Под паролата „Не се одрекувам“ во Белград вчера се одржа Парадата на гордоста по маршот низ улиците на главниот град на Србија заврши со журка во паркот Мањеж.

На собирот, кој започна околу 16 часот, присутните носеа знамиња во боите на виножитото, како и транспаренти со натписи: „Нема ама за љубов“, „Ние не одлучуваме за вашите бракови“, „Нема да бидеме тивки“, како и слоганот на сараевската Парада на гордоста – „Има да излеземе“.

Паралелно со маршот за поддршка на ЛГБТИ правата, беше одржан и контрасобир на луѓе кои протестираа против одржувањето на парадата, но собирите поминале без никакви инциденти.

„Барањата кои ги имаме секоја година се исти – повеќе да се работи на превенција на насилството и дискриминацијата. Тука најмногу се повикуваме на обвинителството кое треба да си ја врши работата околу покренување процеси и истраги. Судските органи работат и полицијата е многу подобра во последниот период. Она што го очекуваме од владата и парламентот е усвојување на законот за регистрирано партнерство и законот за родов идентитет“, рекол организаторот на Парадата, Горан Милетиќ, пренесе Н1 ТВ.

На парадата присуствуваше и српската премиерка, Ана Брнабиќ која беше дочекана со транспарент „Премиерко, како е да се живее со сите повластици“.

Таа за медиумите изјавила дека се работи на законите за регистрација на партнерства и родов идентитет и дека во тек се разговори со невладиниот сектор.