[Галерија] Ману Чао изненади стотици луѓе со концерт на границата меѓу Италија, Австрија и Словенија

Стотици луѓе од фестивалот „No Borders Music Festival“ тргнаа нагоре да ја качуваат планината Канин по патеки, потоа се возеа и со жичари, за конечно да стигнат на прекрасна локација на границата меѓу Италија, Австрија и Словенија. А таму, ги чекаше изненадување – Ману Чао!

Мистериозниот концерт се случи околу 14 часот. Изненадените и возбудени фестивалџии, незнаејќи кој ги чека на сцената, возвратија со громогласен аплауз на популарниот музичар, кој пак им приреди свирка од над два часа, заедно со аргентинскиот гитарист Лучијано Фалико.

Ова не е прв пат на Ману Чао да се појави „од никаде“ на настан. Пријател е со „Пасворд продукција“, па лани летото изненади на „Д фестивал“ во Дојран, одржувајќи соло свирка, надвор од предвидената програма. Потоа фестивалот „Таксират“ ги изненади фановите со негов нов бесплатен концерт под името „Ел Шапулин“ во Скопје, најавувајќи го 24 часа пред одржувањето.