[Галерија] Герила-акција на „Fridays For Future“ на скопските раскрсници

Локалниот огранок на „Fridays For Future“ во Скопје, движењето инспирирано од младата климатска активистка од Шведска, Грета Тунберг, денеска направија уште една герила-акција на скопските раскрсници.

Групата опремена со транспаренти на кои пишуваше „Системски промени, не климатски промени“, го привлекоа вниманието на возачите и минувачите на булеварот „Партизански одреди“. На секое црвено светло за возачите – истапуваа на пешачкиот за да ги покажат своите пораки.

Од иницијативата информираат дека ваквата герила-акција продолжува во попладневните часови, на различни улици и раскрсници.

Претходно, огранокот, на 6 септември направија герила акција во близина на просториите Град Скопје, каде со „die-in“ форма на протест, во која учесниците глумеа дека се мртви, протестираа поради игнорирањето на повиците за мерки против климатските промени.

Инаку, од иницијативата од 20 септември планираат низа активности – учество во велосипедско возење, ослободување на заробени дрвја, панел дискусија и протестот на 20 септември. Активностите во рамки на глобалниот протест „Недела за иднината“.