[Галерија] Четврта автономна зона – окупација на Архитектонскиот факултет

„Студентскиот фронт не само што не е затворен, туку е проширен – „Поздрав Пленумци“, вака студентите прогласија автономна зона и го окупираа и Архитектонскиот факултет во Скопје. Ова е веќе четврта студентска автономна зона.

Со транспаренти „Ние сме архитекти на нашето образование“, „Како ова ќе се оцени со 5 прашања“, „Слободен универзитет“, студентите од Архитектонскиот факултет го искажаа своето незадоволство за изгласаните измени во Законот за високо образование. Тие уште еднаш побараа повлекување на државниот закон и нивна вклученост во донесувањето на законите. Велат дека изминативе четири месеци кога и да пружеле отпор тие биле игнорирани или етикетирани.

„Универзитетот треба да претставува бастион на критичка мисла кој води кон напредок, тоа е онаму каде што не препишуваш, каде што не заокружуваш од понуденото, онаму каде што не ти сервираат одговори, онаму каде што не те учат што да размислуваш, туку како“, се обрати студент кон присутните пред прогласувањето на автономната зона.

Студентите вчера се  собраа во амфитеатарот од Архитектонскиот факултет за да разговараат тоа што се случува со Студентскиот пленум и за тоа колку би траела автономната зона. Тие велат дека има голем интерес за преноќување.

„Нас од Архитектонскиот ни пречат повеќе работи, затоа што овде сè се сведува на цртање, на работење со вежби. Не можеме да одиме да заокружиме тоа што го проектираме, да го заокружиме со пет прашања. Ние овде се мачиме пет години, изработуваш се и после само за пет прашања да ги заокружиш…“, вели студентка од Архитектонскиот факултет.

На окупацијата на Архитектонски имаше и студенти од Градежниот. Според нив, ставот на повеќето студенти од Градежен е дека го поддржуваат пленумот, но има и такви кои што не го поддржуваат и мислат дека поради окупацијата предавањата ќе се одложат за неколку недели, а со тоа и полагањата за колоквиум ќе се одложат за некое време.

„Јас ја поддржувам окупацијата бидејќи сум против државниот испит, бидејќи сум против власта која сака да ни го уништи образованието.. Тука сум исто така, заради лошите услови во студентските домови и сакам да го искажам мојот револт и поради тоа што студентите досега немаа никаков став во оваа држава и беа помалку важни“, рече студент од Градежен факултет.

За денеска, во 16 часот е закажан Пленум на студентите од Градежен факултет на кој ќе решаваат дали и тие се спремни да прогласат автономна зона, односно да го окупираат и нивниот факултет.

Автономни зони досега се прогласени на Филозофски/Филолошкиот факултет, Машински и ФЕИТ, како и на Техничкиот факултет во Битола, а вчера и денеска продолжи бојкотот на наставата на Природно-математичкиот факултет, Факултетот за земјоделски науки и храна, Шумарскиот факултет, Факултетот за ликовна уметност, Педагошкиот факултет, Факултетот за ветеринарна медицина како и Факултетот за драмска уметност кој од самиот почеток ја бојкотира наставата. Студентите се одлучни во тоа дека не се откажуваат додека не бидат прифатени нивните барања.

Емилија Петреска