[Галерија] Aтлетскиот митинг во Скопје за Светскиот ден на атлетиката

Во арената „Тодор Проески“ викендов се организираше атлетскиот митинг „Светски ден на атлетиката“ со што се отвори летната атлетска сезона 2021 година. Поради околностите кои беа предизвикани од коронавирусот настанот се одржа со мало задоцнување, така што со натпреварот за пионери до 15 години настапија и сениорите и младинците, информираат од Атлетската федерација на Македонија.

„Учесниците беа поделени во 2 категории до 15 години и сениори кои настапија на отворање на сезона, а пионерите настапија на државното првенство до 15 години, а ова натпреварување беше многу позитивно кај сите тренери и учесници затоа што прв пат имаше над 10 групи и зголемен број на учесници кој во претходните години не бил забележан. Во однос на победниците имавме убави резултати, би ги истакнале резултатот во женска конкуренција на отворање на сезона на 100 метра, под 13 секунди, 12:83, потоа имавме добар резултат на 3000 метра во машка конкуренција, како и добар резултат на 3000 метра исто во женска конкуренција, добри резултати имавме исто и на 400 метра во женска конкуренција, така што со оглед на тоа што имавме ситуација каде терените ни беа затворени, проблем со инфраструктурата, сметам дека овие резултати се повеќе од задоволителни“, вели претседателката на АФМ, Александра Војнеска Зикова.

Федерацијата, согласно календарот што е усвоен уште пред почетокот на 2021 година, има многу натпревари што биле предвидени за 2020 година и на европско и на светско ниво вклучувајќи ја тука и Олимпијадата, но сите тие беа одложени за 2021-ва година. Затоа оваа година скоро секоја недела ќе се организираат натпревари во различни категории и дисциплини.

Светскиот ден на атлетиката се слави на 7 мај секоја година. Воведен e во 1996 година од Меѓународната атлетска атлетска федерација (IAAF). Денот се слави на глобално ниво секоја година за подигнување на свеста кај децата и младите во врска со важноста на вежбањето.